Александар Вучковски - сомелиер: Како македонските вина го освојуваат светот? ↓↓↓
Ако според најновите статистички податоци за состојбата со КОВИД-19 во Македонија не дојде до драстичен пораст на заразени пациенти, Владата можно е на денешната седница да донесе одлука за олеснување на мерките за заштита во одредени најмалку ризични сегменти, врз основа на мислење на Комисијата за заразни болести.
Вкупната бројка на дијагностицирани лица со вирусот во државава достигна 1.664, по вчера потврдени 22 нови случаи и направените 145 тестирања. Завчера беа регистрирани 20, а претходниот ден 36.
„Комисијата за заразни болести според анализата смета дека веќе има услови делумно да се олеснат мерките во одредени сегменти и тој предлог на Комисијата ќе се разгледа на седница на Влада доколку до утре драматично не се влоши состојбата“, информираше вчера Бујар Османи, кој е главен координатор на кризните штабови на општините за справување со ковид-19.
Поместувањето на очекуваните одлуки за олеснување на мерките, појасни, се должи на последователно зголемување на процентот на заразени – во два дена 10 отсто од вкупниот број тестирани, а денеска 15 проценти.
Според заменик-министерот за здравство, Арменд Аслани, сите мерки што се применуваат во моментов остануваат во сила и тие треба да се почитуваат.
„Комисијата за заразни болести не донесе заклучок дека треба да оди информација во Главниот кризен штаб и понатаму во Владата за продолжување на полицискиот час. Тоа што се дискутираше е врз основа на протоколите и врз основа на тие клучни компоненети се направени и фази, како во однос на Заводот за рехибилитација, за авто-школите, спортските тренинзи што ги исполнуваат условите и во најкраток можен рок може да ги спроведуваат нивните активности“, рече вчера Аслани.
Сите информации се анализираат на дневна основа од терен, но како што најави, ќе почне да се анализираат и на неделно ниво и да се дојде до заклучок за да се оди во втората фаза. Тоа би биле мерки што се однесуваат на кафетерии, ресторани, хотелски објекти, јавен превоз, меѓународен превоз, за што нема дефинитивен датум. Во однос на можноста за одржување избори ќе има простор да се разговара кога бројот на заболени би бил под пет проценти 14 дена, смета Аслани.
Со цел спречување на ширењето на вирусот и во пресрет на најавеното отворање на џамиите од денеска, вицепремиерот Османи ги охрабри верниците да не одат во верските храмови сѐ додека не се стабилизира состојбата со вирусот. Апел да нема групирања и собири упатија и Лекарската комора и Самостојниот синдикат за здравство, фармација и социјална заштита, барајќи поддршка за здравствените работници.
„Вработените во здравството несебично го даваа својот придонес во изминатиот период ризикувајќи ги и своите животи, дел и заболеа од вирусот за да спасат други животи, па затоа е неопходно да не дозволиме ширење на вирусот, да ги почитуваме мерките и заедно да бидеме победници“, порача Синдикатот.
Истовремено, од кризниот штаб во Тетово информираа дека во овој град се регистрирани три нови кластери поврзани со претходните места со концентрација на заболени со ковид-19, и не дадоа препорака за укинување на некои од мерките. Наспроти нив, од кумановскиот кризен штаб, побараа од Владата, во најитна постапка да донесе мерки, протоколи и препораки за брзо заживување на стопанските субјекти, а на градоначалникот му препорача да ги врати во функција сите служби во рамки на општината.
Од Дебар, единствениот град што беше ставен во карантин, е стабилна епидемиолошката состојба, нема нови заразени со ковид-19, а нема ниту пациенти во општата болница со симптоми на овој вирус. И во Велес два дена по ред не беа регистрирани нови заразени со вирусот, додека во Кичево нема повеќе активни случаи со Ковид-19.
Министерот за транспорт Горан Сугарески вчера информираше дека на состанок на Кризниот штаб го отворил прашањето за повторно отворање на аеродромите и граничните премини, но сѐ уште нема таков предлог од Комисијата за заразни болести.
„Пред неколку дена разговарав со директорот на ТАВ кој спомна дека треба да се има предвид дека имаат потреба од 7 до 10 дена за евентуално тестирање на аеродромот. Разговараме за тоа на штабот, но сѐ додека не стаса конкретен предлог од Комисијата за заразни болести, нема да се носи таква одлука“, изјави Сугарески, одговарајќи на новинарско прашање при посетата на Битола.
Според последната статистика од Министерството за здравство, од последните 22. новозаразени од Ковид-19 во државава, 13 се во Скопје, седум во Прилеп и двајца во Прилеп. Вчера беа регистрирани 64 оздравени пациенти. Во Скопје на Клиниката за инфективни болести се лекуваат 42 пациенти, од кои на кислородна поддршка се 20, а на механичка вентилација двајца. Во ГОБ „8 септември“, пак, од хоспитализирани 18, на респираторна машина се четворица пациенти и уште четири се со потешка клиничка слика. Во болницата во Битола се хоспитализирани двајца пациенти сомнителни на ковид, во Штип седум, додека на инфективните одделенија во Прилеп, Велес, Куманово и Тетово сe хоспитализирани 49 пациенти, позитивни и сомнителни на ковид-19. Досега се починати 91 лице.