Вкупно 120 лица земале надоместок од СЈО според „Златната клаузула“


Игор Насковски: Како да станеш трагач на тартуфи и да заработуваш 5.700€ за 1кг! ↓↓↓


Аферата и случајот со високите бонуси кои на страна од платите ги земале специјалните обвинители кои беа дел од тимот на СЈО, суми кои се открија со воведување на алатката „Отворени финансии“, продолжуваат да ја тресат политичката, правната, но најмногу најшироката граѓанска јавност.

По обелоденувањето на висината на бонусите, кои покрај платата се делеле за вработените, но и надворешните соработници на сега веќе нефункционалното СЈО, се засилија активностите на Републичкото јавно обвинителство, пренесува Нова Македонија.

Во текот на вчерашниот ден, истражители од Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција влегле во просториите на СЈО, со задача да соберат документација, токму во врска со информациите за распределбата на надоместоците во оваа згасната обвинителска институција. Во меѓувреме со активирањето на интернет-алатката „Отворени финансии“, речиси секојдневно се откриваат нови „добитници“ на надоместоци од СЈО, врз основа на клаузулата за ризик, доверливост и специфични услови за работа. Покрај поранешната специјална обвинителка Катица Јанева, и другите обвинители од СЈО (сега прераспоредени во други обвинителства), вработените таму, но и надворешни соработници или околу 120 луѓе добивале надоместоци по таа основа. Еден од посочените надворешни соработници е и новинарот Сашо Ордановски, за кој во „Отворени финансии“ е наведено дека во неколку наврати добивал исплати од СЈО, во вкупна вредност од 255.000 денари.

Астрономските бонуси на СЈО веќе добија димензија на скандал без преседан, иако поранешните обвинители велат дека сѐ било во законски рамки, според Законот за СЈО. На почетокот од случајот државниот обвинител Љубомир Јовески изјави дека во Републичкото јавно обвинителство немале увид во висината на доделените бонуси.

– Исплатата на плати и надоместоци е утврдена во Законот за плати на јавните обвинители. До поставувањето на алатката ,,Отворени финансии“, висината на надоместоците и начинот на пресметување на платата и надоместоци за СЈО јавно не беа достапни, за разлика од примањата на сите други обвинители за кои на сајтот на ЈОРСМ јавно е објавен коефициентот за исплата на плати – изјави Јовески.

Во јавноста, пак, беа изнесени податоци дека Катица Јанева, во текот на својот мандат, земала 157.000 евра додаток на платата. Само оваа година, таа си доделувала по 250.000 денари, дополнително секој месец. Покрај неа, на „Отворени финансии“ се открива дека и другите обвинители во СЈО, па и вработените, покрај платата добивале додатоци, кои во вкупна вредност се движат во илјадници евра (од 20.000 па нагоре), па и стотици илјади евра.