Вистинскиот Могли од реалноста


Диск голф го освојува светот, а го нема во Македонија!? ↓↓↓


Секое дете во периодот на раното детство се импресионира од животните авантури на фиктивниот лик Могли од познатата книга на Радјард Киплинг, „Книга за џунглата“.

Но, во 19 век во Индија, постоело шестгодишно момче кое вистински живеело со глутница волци, но неговата судбина не е ни од далеку толку забавна како онаа на Могли од „Книга за џунглата“ на Радјард Киплинг.

Во 1872 во Утар Прадеш, Индија, ловци пронашле момче на околу 6-годишна возраст, кое било дел од група волци и одело исто како нив, на сите четири. Не знаело да зборува туку комуницирало со животински звуци. Откако се скрило во пештера заедно со животните, ловците запалиле оган и успеале да ги извадат надвор. Волците ги убиле а детето го зеле со себе.

Откако бил донесен во сиропиталиште, Дина кој го добил презимето Саничар („сабота“ на урду, бидејќи на тој ден го донеле), бил згрижен од извесен отец Ерхарт. Тој заклучил дека момчето има многу низок коефициент интелигенција, иако се уште покажувало знаци на разум. Се обиделе да го научат да чита и да пишува но не успеале во тоа. Иако со текот на времето почнал да оди исправено, не сакал да носи облека и најчесто се шетал наоколу гол. Единствен човечки пријател му било друго „диво“ дете, постаро од него, кое го научило да пие од чаша.

Но една од човечките карактеристики кои Саничар ги прифатил била погубна по неговото здравје – почнал да пуши. Во 1895 на 29 години починал од туберклоза, која веројатно била влошена од пушењето. Дури и по многу години живеење помеѓу луѓето тој се уште бил прилично нервозен во нивно присуство, имал големи заби кои ги покажувал како знак на предупредување и ниско чело.

Исто како и Дина Саничар, и Могли од „Книга за џунглата“ растел во шума со волци, а местото кое се повторува низ книгата е Сеони, во централно-индиската држава Мадја Прадеш. Книгата е прв пат објавена 20 години по откривањето на момчето. Сепак, многумина во приказната за напуштеното и потоа посвоено момче гледаат и автобиографска рефлексија на детството на самиот Киплинг, кого во раното детство родителите го испратиле од Индија во Британија, да живее со строги и бесчувствителни „родители“.