Диск голф го освојува светот, а го нема во Македонија!? ↓↓↓
Билансот на загинати во несреќата во која се урна автопатен надвозник во Џенова се искачи на 42 жртви, а потрагата по жртви сè уште трае, изјави денес главниот градски обвинител.
„Во овој момент знаеме за околу 42 лица загинати, вклучувајќи и три малолетници“, изјави обвинителот Франческо Кози за РАИ, додавајќи дека тие се привремени податоци.
Министерот за внатрешни работи, Матео Салвини изјави дека меѓу жртвите се три деца на возраст од 8, 12 и 13 години.
Надвозникот се сруши во вторникот за време на невреме. Речиси 240 пожарникари цела ноќ со помош на кучиња трагачи пребарувале по урнатините за да пронајдат преживеани.
Околу 30 до 35 автомобили и три камиони паднале од височина на 45 метри кога Понте Моранди, кој локалните жители го нарекле Бруклински мост, се срушил. Надвозникот се наоѓа над река, железничка пруга и две складишта.
Тој бил клучен сообраќаен правец во градот поврзувајќи ги патиштата кои одат кон Франција и Милано.
„Луѓето кои живеат во Џенова се возат преку тој надвозник по неколку пати на ден“, рече заменик-министерот за инфраструктура и транспорт Едоардо Рикси, со потекло од Џенова.
„Тие што се одговорни за несреќата имаат име и презиме и се викаат Италијански автопатишта. Ни кажуваа дека мостот е сигурен и дека не постои страв од уривање. Аутостраде требаше да го одржува, но не го правеше тоа. Ова не смее да помине неказнето“, изјави вицепремиерот Луиџи ди Мајо.
Премиерот Џузепе Конте, кој во вторникот го прекина летувањето за да го посети местото на несреќата, напиша на Фејсбук дека го доживеал „најдолгиот и најтешкиот ден како премиер“.
Тој вети дека ќе ја провери состојбата на италијанската патна инфраструктура, така што ваква трагедија да не се повтори.
Министерот за инфраструктура и транспорт Данило Тонинели за несреќата ја обвини приватната компанија за автопати Аутостраде пер Италија и ја повика нејзината управа веднаш да поднесе оставка.
Од друга страна, Салвини истакна дека европските правила за буџетска дисциплина ѝ пречат на Италија да инвестира во подобрување на инфраструктурата.
„Секогаш мора да барате дозвола за трошење пари“, рече тој.
Аутостраде пер Италија во вторникот објави дека надвозникот Моранди, изграден во 1960-тите година, бил под постојан надзор и дека во тек биле работи за зајакнување на неговите темели.
Пред две години, професорот по градежништво на Универзитетот во Џенова, Антонио Бренчич оцени дека мостот е „градежен неуспех“ со „многу високи трошоци за одржување“.