
Викторија Бекам, икона на стилот и основачка на брендот Victoria Beckham Beauty, отвора ново поглавје во нејзината бјути империја – колекција внимателно дизајнирани четки кои ветуваат совршена прецизност и беспрекорно блендање.
Иако нејзиниот бренд веќе е познат по извонредните ајлајнери Satin Kajal и иновативните производи за контурирање, ова е првпат Викторија да лансира целосен сет професионални четки.
Инспирирани од калиграфски пенкала
„Долго време размислував за овие четки – што точно ми недостига, а не можев да го најдам на пазарот“, открива Викторија. Како личност која има поминато безброј часови во рацете на врвни шминкери, имала прецизна визија за тоа како изгледаат совршените алати.
„Секогаш се фокусирам на прашањето зошто – секоја четка во оваа колекција постои со причина“, вели дизајнерката. Колекцијата содржи девет четки, од кои две се со двострани врвови, а останатите се создадени за прецизно блендање, размачкување и омекнување на линии. Посебно ја истакнува Sculpt & Blend четката: „Ја користам за контурирање, но и за сенчење на очите. Сѐ може!“
Перфекционизам без компромиси
Викторија не остава простор за грешки. Оригиналната верзија на четката Contour Stylus беше отфрлена бидејќи не била доволно тенка и прецизна. „Јас сум перфекционист и многу ми е тешко да бидам задоволна. Но кога сум, тоа значи дека производот е подготвен за лансирање“, вели гордо таа.
Совршенство во секое движење – затоа што убавината е уметност.