Диск голф го освојува светот, а го нема во Македонија!? ↓↓↓
Брзорастечката снукер заедница во Македонија претстојниов викенд ќе има можност да се насладува со убедливо најинтересниот турнир досега игран во Македонија, насловен како „Скопје Опен 2017“, кој ќе се игра според сите светски стандарди за овој вид натпреварувања.
По неодамнешниот повик за пријавување, организаторите од „Гран Клуб“ имаат чест да соопштат дека сите 32 места беа пополнети екстремно брзо, при што беше покажана огромна заинтересираност од најдобрите снукер играчи во регионот.
Една половина од учесниците се од Македонија, предводени од државниот шампион Павле Данилов како седумнаесетти играч од нашата земја. Најсилниот предизвик се очекува од гостите од Бугарија, кое ќе бидат вкупно седум, а меѓу нив се Братислав Крстев, единствен лиценциран тренер за едукација на снукер тренери од страна на Европската билијард и снукер асоцијација (ЕБСА), како и Теодор Чомовски, исклучително напреден и со високи резултати во јуниорска категорија, кој има македонско потекло.
Листата е заокружена со три учесници од Србија и пет учесници од Албанија, предводени од Огерт Шкрепа, претседател на Албанската снукер федерација. Возраста на пријавените играчи дословно е од 15 до 55 години, а системот на игра предвидува ждрепка на еден ден пред почетокот на турнирот.
Натпреварите се играат во сабота и недела, 9 и 10 декември, со почеток во 10 часот. Елиминациите во првите три кола се играат во две добиени партии, додека полуфиналето и финалето се играат во три добиени партии. Големото финале е закажано в недела со почеток од 21 часот, по што ќе бидат доделени медали, пехари и признанија за најдобрите.
Сите оние кои што сакаат да присуствуваат и да ги проследат мечевите во живо, имаат отворена покана бидејќи влезот е слободен, а „Гран Клуб“ ќе обезбеди да се почуствуваат како да присуствуваат на натпреварите кои ги следиме на тв екраните.
Резултатите ќе можат да се следат преку веб-страната snookeron.com, а сите мечеви ќе бидат снимани и пренесувани во живо на Youtube на Gran Klub каналот, и тоа во целосна HD резолуција, a за секој меч поединечно ќе постои статистичи обработена база на податоци, што всушност и претставува своевидна новина во нашите турнири.
„Гран Клуб“ како организатор на најквалитетниот снукер турнир во Р.Македонија ве поканува одблиску да ги одгледате најквалитетни мечеви на турнирот и да го откриете дискретниот шарм на оваа величенствена игра.