Викендов екстремно жешки температури, надлежните со препораки!


Кој ќе тепа на Ел Класико!? ↓↓↓


Македонија денеска и утре ќе биде зафатена од сончево и многу топло време со температури до 41 степен и многу висок УБ индекс. Топлотниот бран од портокалова фаза што ја зафати целата држава од УХМР велат ќе се задржи до четврток.

Максималната температура во Скопје, во деновите од викендот, ќе биде до 39 степени, со мала облачност и слаб до умерен североисточен ветер.

До среда ќе се задржи сончево и многу топло време. Ќе биде активирано жолто, а во некои подрачја и портокалово ниво за опасност од високи температури, а и индексот на УВ зрачење ќе биде особено висок. Во среда попладне и во четврток ќе има зголемена облачност и ќе има локален пороен дожд со грмежи и температурите од четврток малку ќе опаднат.

Надлежните препорачуваат граѓаните да се заштитат од високите температури.

Од Службата за Итна медицинска помош во Скопје посочуваат дека зголемен е бројот на повици, а граѓаните кои не се чувствуваат добро поради топлото време имаат кардиоваскуларни промени, главоболки, притисок, вртоглавица, малаксаност, поспаност…

Министерството за здравство донесе препораки во кои се наведува да се ослободат од работните обврски на најранливите групи население, како што се: бремените жени и лицата на возраст над 60 години, во установите за згрижување на децата (градинки) да не се практикува физичка активност и да не ги изнесуваат децата на отворено во периодот од 11 до 17 часот, сите правни субјекти кои вршат активности на отворено да ги запрат активностите во периодот од 11 до 17 часот, што особено се однесува на градежните работници.

Во препораките се истакнува дека единиците на локалната самоуправа, Црвениот крст и Центрите за социјални работи во регионите зафатени со топлотниот бран треба да имаат проактивен пристап и да пружат помош на осамени стари изнемоштени лица и бездомници согласно предвидените активности во Акциониот план.

„Граѓаните да ги почитуваат следните општи мерки за заштита на здравјето, што значи дека во текот на екстремно топли денови треба да останат подолго време во затворени простории (пред се климатизирани), а при неопходен престој на отворен простор во овој период, да најдат можност за почести одмори под сенка, да носат светла и лесна облека, при директна изложеност на Сонце да носат заштитни очила и капа, при сончање да користат крема со висок заштитен фактор, да внесуваат помало количество храна, главно овошје и зеленчук, помалку мрсна храна, да внесуваат големи количества течности, најдобро обична вода за пиење, да избегнуваат алкохолни пијалаци, при влегување во возило, потребно одреден период да го проветрат, а хронично болните редовно да ја земаат препишаната терапија, во консултација со матичните лекари“, се дел од препораките поради топлото време.
Поради високите температури и зголемената можност за појава на труењата со храна и цревни заразни заболувања. Од Министерството препорачуваат задолжително миење на свежиот зеленчук и овошје пред нивната употреба, термичка подготовка на храната и нејзино консумирање во многу краток рок по подготовката.

Од Министерството за здравство потенцираат дека здравствените установи се подготвени со доволен број капацитети за евентуално справување со зголемен број лица со штетни ефекти по здравјето од високите температури.