Александар Вучковски - сомелиер: Како македонските вина го освојуваат светот? ↓↓↓
„Не ќе постоеше Зоки Поки ако не постоеше Лидија“ – сигурно нема некој што не ја памети оваа реченица, а да растел со книгата на Оливера Николова. Да се потсетиме како и на какви вредности не учеа лектирите кои за среќа, уште се достапни и за денешните деца, но тие, сепак, се под сè посилно влијание на некои други квази-вредности.
Во едната рака Зоки стега два денари, а со другата ја држи Лидија.
– Што сакаш да ти купам, Лиде. Имам многу пари, вели тој. Сè би направил за својата пријателка.
– Сакам панделка, вели Лидија, и црвена, и бела, и жолта, и зелена, и сина, и…
– Нема таква панделка, вели Зоки.
– Има.
– Нема. Јас знам повеќе од тебе.
– Ти ништо не знаеш, вели Лидија, а и не сакаш да ми купиш.
– Посакај друго, вели Зоки, веднаш ќе ти купам!
– Сакам гума. И црвена и жолта и бела и зелена.
– Ех,ех, нема ни таква гума.
– Има.
– Нема. Посакај друго!
– Сакам јајце зелено, и црвено…
– Пак и зелено и црвено и сино? Нема! Друго, друго!
Лидија веќе се лути, но пак вели:
– Сакам зелено, сино, бело, жолто… Тоа сакам.
– Тоа не може да се купи, вели Зоки. Што сакаш ти поправо?
– Сакам сè, вели Лидија. Сè, сè зелено, сино, бело, жолто… И веќе сака да плаче.
– Како сè, сè? Сè што лета, сè што оди, сè што има? Сиот свет?
– Да, вели Лидија, сиот свет зелен, црвен, жолт, син…
Зоки најпосле се досетува.
Одат во еден колонијален дуќан. Зоки ги подава двата денари и вели:
– Чичко, сакам да го купам сиот свет. За Лидија.
– Како? – прашува продавачот.
– Сиот свет жолт, син, зелен, црвен… вели Лидија.
– Ќе плаче ако не ѝ купам, објаснува Зоки.
– Добро, вели продавачот и им завиткува нешто во една хартија. Еве!
Децата излегуваат надвор.
Во хартијата има две шарени бонбони. Лидија ни најмалку не е изненадена. Веднаш го грабнува едното бонбонче и го става в уста. Другото го зема Зоки.
Децата сега шлапкаат со устите, лижејќи ги бонбончињата.
Најпосле Лидија вели:
-Леле, Зоки, ама е сладок сиот свет! Да го изгризам ли?