Вевчанскиот градоначалник го осуди палењето на бугарското знаме на карневалот во Вевчани


Игор Насковски: Како да станеш трагач на тартуфи и да заработуваш 5.700€ за 1кг! ↓↓↓


Вевчанскиот градоначалник Сашо Јанкоски изрази осуда за палењето на бугарското знаме што се случи на овогодинешното издание на вевчанскиот василичарски карневал. Овој чин Јанкоски го окарактеризира како несреќен и ирационален, со надеж дека нема да фрли дамка на односите со источниот сосед.

„Општина Вевчани најостро го осудува чинот на палење на знамето на Република Бугарија за време на карневалот во Вевчани. Овој чин не соодејствува со ставот на Општината и најголемиот процент на нејзиното население. Напротив, Вевчани е меѓу првите општини во Македонија збратимена со градчето Мелник, општина Сандански, како членови на Асоцијацијата на карневалските градови кои негуваат слични традиции. Општина Вевчани и вевчанци и во минатото веднаш ги осудувале палењата и на знамиња на други држави и упорно стоиме на ваквиот став и во иднина и сметаме дека ваквиот чин на изразување револт е недопустлив макар и за најирационалниот, најстариот и најавтентично сочуван пагански карневал во светот како што е опишуван Вевчанскиот карневал низ годините од речиси сите светски медиуми. Се надеваме дека овој несреќен чин и ирационален чин нема да фрли дамка на меѓусоседските односи“, апелираше градоначалникот Јанкоски за „Слободен печат“.

Општина Вевчани претходно ја откажа организацијата на карневалот поради коронавирусот, но тој сепак се одржа, а полицијата интервенираше за да го спречи групното собирање. Палењето на знамето се случило на крајот на карневалот, кога традиционално се палат маските.

Полицијата трага по сторителот на ова кривично дело, кое е именувано како предизвикување на омраза, раздор или нетрпеливост врз национална, расна, верска и друга дискриминаторска основа, за кое е предвидена затворска казна од една до пет години.