Александар Вучковски - сомелиер: Како македонските вина го освојуваат светот? ↓↓↓
Со 10 гласа „за“ Весна Дамева е избрана за нова претседателка на Судскиот совет на местото на Павлина Црвенковска. Против гласаше само Лорета Георгиева.
На седницата не присуствуваше Црвенковска, а од гласањето се иззеде Зоран Герсимовски бидејќи пред две недели беше избран за член на Управниот одбор на Академијата за судии и јавни обвинители, а минатата недела на конститутивна седница беше избран за в.д. директор на Академијата до изборот на нов директор што треба да се случи в среда. Пред да се изземе тој кажа дека си поднел неотповиклива оставка од в.д. директор.
За Дамева се гласаше два пати. Лорета Гоегиева пред гласањето бараше тоа да се направи јавно со оглед на присуството на медиумите, но неколку членови се побунија дека според Деловник се гласа преку електронскиот систем со притискање на копче, па ако некој се сомнева тогаш се гласа поединечно. Така, откако гласаа електронски, иако рече дека не се сомнева во системот таа побара и поединечно изјаснување. Сите присутн рекоа дека се за Дамева, освен Горгиева која кажа дека е против.
Дамева беше избрана за член на Судскиот совет во декември 2019 година од страна на Собранието, а по предлог на претседателот Стево Пендаровски.
Дамева доаѓа на функцијата откако Црвенковска минатиот вторник поднесе неотповиклива оставка од претседателка на Советот. Во соопштението што го испрати до медиумите за нејзината оставка, таа тогаш се пожали дека веднаш по нејзиниот избор на функцијата започнала медиумска хајка со крајна цел да даде оставка затоа што нејзиниот избор за претседател не одговарал на група од „судската бизнис-елита“.
Нејзината оставка следуваше откако на седница пред две недели се случил бунт од страна на седум члена избрани од редовите на судиите кои спречиле, како што објави порталот СДК.мк, да помине готов список за гласање за клучни места во Академијата за судии и обвинители.
Црвенковска, пак, тогаш реагираше дека дошла со листа имиња на предлози за одредени позиции во Академијата за судии и јавни обвинители, а не со некаков список како што сакале тоа да го прикажат некои членови на Судскиот совет.
Таа на функцијата беше од 28 април 2021 до минатиот вторник – 29 ноември 2022 година. По Црвенковска, изборот на Дамева е вториот кој се избира согласно новиот Закон за судски совет кој стапи во сила во мај 2020 година, а според кој првиот човек на Судскиот совет се избира од редовите на членовите кои се избрани од Собранието. Такви се пет од вкупно 15 члена: тројца од нив ги избира директно Собранието, а другите двајца, исто така, се избираат во парламентот, но по предлог на претседателот на државата. Осум членови, пак, се избираат на избори од редот на судиите. Преостанатите двајца члена на Судскиот совет по функција се претседателот на Врховниот суд и министерот за правда, но тие се без право на глас.