Верушевски се огради од „бомбите“: „Не добивав јас прислушувани материјали, тие беа носени во СДСМ“


Александар Вучковски - сомелиер: Како македонските вина го освојуваат светот? ↓↓↓


Бившиот прв човек на Управата за безбедност и контраразузнавање, Зоран Верушевски, се огради од таканаречните фамозни „бомби“ негирајќи дека е вмешан во прислушувањето и во прибавување материјале од двајцата вработени во УБК, Ѓорѓи Лазаревски и Звонко Костовски, кои претходно изјавија дека прислушуваните разговори биле снимени во тајност и потоа му ги дале на Верушевски.

Во денешното продолжение на рочиштето за случајот „Таргет Тврдина“, Верушевски рече дека „бомбите“ не му биле доставени нему, туку на СДСМ и оти тој само учествувал во нивната обработка. Верушевски рече и дека не разговарал со Костовски за прислушуваните материјали, пренесува Алсат-М.

„Јас не обезбедив разговори или други документи. Сè што влегуваше во партијата како документи, беше моја обврска, за раководството подоцна да развива политички стратегии… Ѓорѓи Лазаревски беше еден од луѓето што носеа документи во партијата. Тој ги носел материјалите пред моето враќање од Италија во Македонија и продолжи и во 2014 година. Документацијата беше во партијата цело време и со неа управуваше лидерот на партијата… Во 2010 година ја добив првата информација за бомбите. Јас останувам на изјавата што му ја дадов на обвинителот за гонење на организиран криминал и корупција во случајот Пуч“, изјаи Зоран Верушевски, поранешен директор на УБК.

„Обемот на материјлите можам да го дефинирам со голема прецизност до моментот кога бев лишен од слобода. Што се случувало тогаш и што се случува денес со згаснувањето на институцијата која имаше надлежност да постапува и да ги чува материјалите, илузорно е од мене да се бара одговор. Документацијата доживеа страотни модификации и компромитирања, после моето лишување од слобода.“ – рече Верушевски.

Верушевски во својата изјава за случајот додаде и дека тој бил одговорен за безбедноста во СДСМ и оти добил чувствителни информации.

„До моето апсење јас ја вршев оваа задача прецизно и сите информации што доаѓаа во партијата беа третирани подеднакво. После моето апсење, документите веќе не беа под моја одговорност“, рече Зоран Верушевски, поранешен директор на УБК.

Но, за разлика од ваквите тврдења на Верушевски, во нивните сведочења Лазаревски и Костовски ја детализираа токму улогата на Верушевски во изнесувањето на прислушуваните разговори од УБК.

„Клучен момент кога решивме со Ѕвонко дека нешто треба да се стори е интервенцијата во телевизијата А1… За една или две недели го обработивме системот за вадење материјали. За првпат Ѕвонко изнесе разговори кон крајот на 2010 година. Сè беше пратено кај мене. Потоа му ги предадов на Верушевски“, изјави Ѓорѓи Лазаревски, поранешен агент на УБК.

На 6.11.2018 година, Лазаревски рече дека тој и Костовски научиле како да извлекуваат податоци од прислушуваните разговори што биле нелегални и во голем број. Верушевски, пак, во своето сведочење рече дека и Бранко Црвенковски бил запознаен и со дел од документацијата додека бил на чело на СДСМ. Според обвинението, преку три системи за надзор на комуникациите во УБК, нелегално биле прислушувани 4.228 телефонски броеви во периодот меѓу 2008 и 2015 година за кои не била издадена судска наредба.