Александар Вучковски - сомелиер: Како македонските вина го освојуваат светот? ↓↓↓
Хатиџе Ченгиз, вереницата на убиениот саудиски новинар Џамал Кашоги, за чија смрт пет лица беа обвинети и добија смртни казни, рече дека егзекуцијата на петте лица е неправедна и погрешна бидејќи со нивната смрт дополнително ќе се сокрие вистината за смртта на нејзиниот вереник.
Кашоги исчезна откако влезе во саудискиот конзулат во Истанбул на 2 октомври 2018 година со намера да земе документи за планираната венчавка. Неговото тело, наводно, било распарчено и отстрането од зградата, а неговите остатоци не биле пронајдени.
Во понеделникот, саудискиот суд осуди пет лица на смртна казна и три лица на доживотен затвор поради убиството, додека ги отфрли обвиненијата против уште тројца од 11-те на кои им се суди. Истражувачка на ОН го обвини Ријад дека ја „исмева“ правдата ослободувајќи високи личности кои можеби го наредиле убиството. Судот ги отфрли наодите од истрагата на ОН и заклучи дека убиството не било намерно извршено, туку дека „одлуката е донесена во моментот“.
Вереницата на Хашоги, Хатиџе Ченгиз изјави вчера дека судењето не открило зошто оние кои се прогласени за виновни го убиле Хашоги затоа што е одржано зад затворени врати.
„Ако овие луѓе се егзекутирани без никакви шанси да зборуваат и да ги објаснат своите постапки, може никогаш нема да ја дознаеме вистината за убиството“, рече Ченгиз. Таа ги повика „сите власти во светот“ да ја осудат таквата одлука на судот и да спречат какво било погубување, бидејќи тоа би било „само уште еден чекор во криењето на вистината“.
Убиството на Кашоги, кој живеел во САД и ја критикувал де факто владата на Саудиска Арабија, принцот престолонаследник Мухамед бин Салман, предизвика бурни реакции ширум светот, а некои влади, како и ЦИА, веруваат дека принцот го наредил убиството.