Велипеток – најтешкиот и најтажен ден во христијанството


Игор Насковски: Како да станеш трагач на тартуфи и да заработуваш 5.700€ за 1кг! ↓↓↓


Велипеток се смета за најтешкиот и најтажен ден во христијанската религија – денот кога е фатен, мачен и распнат на крст Исус Христос.

Неговите страдања започнуваат уште ноќта, во Гетсиманија. Затоа гетсиманските настани ги вбројуваме во Велипеток. Тие се случувале доцна во ноќта – по полноќ. Според европското мерење на времето – во петок.

Патем, од собата на Тајната вечера до Гетсиманија, Христос продолжил со Прошталната беседа и ги поучувал апостолите (Јован 15 и 16 глава). За да биде поуката разбрана и запометена, го посочил примерот со лозата и лозовата прачка која дава плод, ако е на лозата, а не кога е отсечена од неа.

И рекол: „Без Мене не можете да направите ништо”, но „ако Мене Ме гонеа, и вас ќе ве гонат”, а утехата е во „Утешителот, Кого што ќе ви Го испратам Јас од Отецот, Духот на вистината…”. „Во светот ќе имате маки; само не бојте се, зашто Јас го победив светот.”

По овие зборови, Христос завршил со поуката и ја започнал Молитвата во Гетсиманија. Страдањата од Велики Петок почнуваат во Гетсиманија.

Гетсиманија – молитва и страданија

Господ Исус Христос вообичаено се молел насамо, давајќи ни пример и нам за индивидуалната, лична молитва. Многу е значајна Неговата молитва во Гетсиманија пред да биде фатен и изведен на суд, а потоа, неправедно осуден на смрт, измачуван и распнат (Марко 14,32-42; Матеј 26,36-46; Лука 22,39-46; Јован 17 глава).

Он, бидејќи Бог, знаел сè што ќе се случува, но затоа што бил и вистински човек, Неговата човечка природа, во Гетсиманија, ја преживеала Голгота.

Спасението на човечкиот род не би било извршено без Неговата молитва во Гетсиманија, во која кулминирале Неговите душевни страдања за нас и место нас; страдања предизвикани само од нашите гревови и претрпени заради нашите гревови – за гревовите на сите луѓе од сите времиња, а кои Он како Богочовек доброволно ги примил врз Себе.

Пред жртвениот подвиг на Голгота, Спасителот бил во неискажливи маки во Гетсиманија. Таму жалел со жалостите и умирал со смртта на сите луѓе, молејќи Му се на Отецот, и тоа пред Своите тројца најверни ученици: Петар, Јаков и Јован, како што предвидувал Законот – двајца или тројца сведоци (5. Мој. 19,15). Тие биле сведоци за Неговите искупителни, душевни страдања, а пред нив Он и се преобразил (Матеј 17,1-2) и во нивно присуство ја воскреснал Јаировата ќерка (Лука 8,51).

Христовото тагување и страдање во Гетсиманија е израз на човечката природа во Богочовекот. Неизмерни биле Христовите страдања во Гетсиманија, бидејќи неизмерна била и грешноста на луѓето, која Он ја зел врз Себе и Му предизвикала големи болки. Големи биле Неговите гетсимански маки, бидејќи во Него и преку Него плачела и барала спасение целата човечка природа.

Вообичаено, во Христово време, на Исток, а особено меѓу Евреите, луѓето се молеле стоејќи, со подигнати раце кон небото (1.Тим. 2,8; Лука 18,11 и 13). Овде се вели, Господ Исус Христос „падна на земја и се молеше”. Молитвите и молењата со приклонети колена на земја, биле израз на духовна тежина и внатрешна борба и тие биле ретко практикувани (спореди: 4. Мој. 16,22).

Евангелистот Лука ја покажува психолошката-духовна борба и реакцијата на телото со изобилство на пот и капки крв, како израз на тешката душевна борба. Дека Спасителот во Гетсиманија многу пострадал заради гревот на сиот човечки род и тоа со страданија какви што не страдал никој, сведочи и евангелскиот опис дека „потта Му била како капки крв”.

Тоа го предизвикала човечката природа во Христа, која сосема природно реагирала во моментот на предавството, фаќањето, врзувањето, бичувањето, плукањето, страдањето и смртта. Сето ова било појако изразено во Неговата човечка природа, зашто Господ Исус Христос знаел сè што Го чека, а тоа и го предрекол пред Своите апостоли (Марко 10,32-34). Он знаел за сето тоа и за сè што ќе се случи од Гетсиманија до Голгота – до Неговиот последен крик на крстот: „Се сврши!” (Јован 19,30).

Со истите зборови и во Гетсиманија рекол: „Свршено е, дојде часот; еве, се предава Синот Човечки во рацете на грешници” (Марко 14,41). Предавникот бил сосема близу. Хрисос рекол: „Станете да одиме! Еве, наближи оној што Ме предава.” Тоа не значи да бегаме, туку да се сретнеме со непријателите; да тргнеме по долгиот пат; да одиме по патот на страданијата – до Голгота!

Христа Го фаќаат во Гетсиманија

Јуда излегол од Тајната вечера, се откажал од Христа и од апостолството и отишол да Го предаде својот Учител. Штом дознал каде ќе ја поминат ноќта, веднаш заминал, за да им каже на оние што сакале да Го фатат Исуса. Кај нив почекал некое време, додека дојдат Христос и апостолите на договореното место, а можеби чекал и да настапи длабока ноќ, кога апостолите би заспале и не би можеле да дадат отпор. Такво е лукавството, „зашто синовите на овој свет во својот род се подосетливи од синовите на светлината” (Лука 16,8).

Јуда со себе повел и многу народ со мечеви и стапови, испратени од првосвештениците и книжниците. Значи, со него била една вооружена чета, од таканаречената полиција на храмот, која ја сочинувале одредени помошници во храмот: млади свештеници и штитеници на јудејските старешини и книжници.

Велиме дека имало и млади свештеници или помошници на првосвештеникот, иако во евангелскиот текст тоа не е речено така, но заклучуваме од зборовите дека луѓето биле вооружени „со мечеви и со стапови”, а на првосвештениците и на нивните слуги не им било допуштено да носат мечеви и, во буквална смисла на зборот, им било забрането да пролеваат крв. Тоа значи дека тие биле оние – вооружените со стапови, бидејќи не смееле да носат мечеви, како другите.

Збунува и тоа дека Јуда допуштил овие луѓе да доаѓаат вооружени со „мечеви и стапови” за да Го фатат кроткиот Господ Исус Христос. Но, тој ја знаел ревноста на апостолите и очекувал да Го бранат својот Учител и Господ. За тоа сведочи и реакцијата на светиот апостол Петар, кој извадил нож и им се спротиставил (види: Јован 18,10-11; Матеј 26,50-51; Марко 14,47). Затоа, Јуда навреме обезбедил вооружени луѓе кои непречено ќе Го фатат Господа Исуса Христа.

Се погрижил и за тоа, да не се случи недоразбирање и да не фатат погрешен човек, во ноќната темнина. Затоа, договорено било жртвата да им ја покаже со целив и со поздрав на својот Учител, велејќи Му „Радувај се, Рави”. Тоа бил вообичаен однос и поздрав меѓу учениците и Учителот. А бакнежот бил сметан за целив на мирот. „А Исус му рече: ,Пријателе, зошто си дошол?’ ”

Ова се Христовите последни предупредувачки зборови кон Јуда за да се покае и затоа му вели: „Пријателе”. Јуда, пак, со своето духовно слепило и безумие, сакал преку целивот да ја сокрие од Господа својата намера, лажно, претставувајќи се како пријател. Но, „ти, ако си пријател, зошто доаѓаш со непријатели”, вели блажени Теофилакт. Неговото лукавство е бесмислено.

Тој не сфаќал со каква вечна осуда се осудил себе си, за тоа што токму знакот на љубовта – целивот го употребил за предавство. Ова претставува најгрубо искривоколчување на најголемата добродетел – љубовта. Ова е демонско применување на доброто за зло. Знакот на љубовта Јуда го употребил за да ја затвори вратата на рајот, место да ја отвори.

Навистина збунува тоа, како било можно Јуда три и пол години да биде апостол и близок „ученик Христов”, еден од дванаесетте, кој постојано ги слушал зборовите Господови и ги следал Неговите чуда, а на крајот, да се оттргне и да Го предаде.

Ова предавство на Господа се повторува многупати низ времињата и после Јуда, од многумина христијани. Секое отстапување од Христа, претставува предавство и христоодрекување. Затоа, и ние треба да се запрашаме како апостолите, кога Исус им рекол: „еден од вас ќе Ме предаде”, па да велиме: „да не сум јас?” (Марко 14,18-19).

Ноќта Христос бил фатен, врзан и одведен на суд пред Јудејското собрание (Марко 14,43-49; Матеј 26,47-56; Лука 22,47-53; Јован 18,3-12).

Апостолите се разбегале

Исплашени од случајот во Гетсиманија и збунети затоа што Господ Исус Христо не дал отпор, светите апостоли се разбегале (Марко 14,50-52). Помислиле дека може и тие да бидат фатени и измачувани, та, ако Го фатиле и не можел да се одбрани Оној Кој направил толку многу чуда пред нивните очи, тогаш како би се одбраниле тие.

А Христовиот совет, пак, кон нив за таквите случаи гласел: „Ако ве падат од еден град, бегајте во друг” (Матеј 10,23). Тие така и постапиле. Се разбегале. Но, покрај стравот и сеќавањето на ваквата порака, сепак, разбегувањето на апостолите значело и исполнување на Христовите зборови: „Сите ќе се соблазните заради Мене во оваа ноќ; зашто е напишано: Ќе го поразам пастирот и ќе се разбегаат овците.” (Марко 14,27; Зах. 13,7).

Ова претставува и голема болка за Господа Исуса Христа, зашто Он никогаш не ги оставил Своите апостоли кога биле во опасност, а тие Него, ете, Го напуштиле. Во библискиот јазик, изразот „соблазнување заради Христа” значи дека некој не е способен да го разбере Христовото учење и дело и дека го нема во себе духовниот клуч за да влезе во тајните Божји, ниту име светло кое ќе го расветли патот Божји по кој треба да врви до вечното царство. А тоа се добива како дар од Светиот Дух. Тоа го добиле и апостолите при слегувањето на Светиот Дух врз нив на Педесетница (Дела 2-ра глава). И оттогаш, јасно, точно и правилно го разбирале Христовото учење и дело.

Испрашувањето кај првосвештеникот Ана

Прво Го одвеле кај претходниот првосвештеник Ана, којшто му бил дедо на актуелниот првосвештеник Кајафа. Ним им било важно што мисли и претходникот, а за Кајафа веќе знеле дека е против Христа. Тој и пред нив рекол „дека е подобро да умре еден човек за народот” (Јован 18,15).

Таму Христос добил шлаканица по образот, од слугата на првосвештеникот. Притоа, не го завртел и другиот образ, а ја побарал вистината и се противставил со прашањето: „Ако реков лошо, докажи го лошото; ако ли, пак, добро – зошто Ме биеш?” (Јован 18,23).

На суд пред Синедрионот кај Кајафа

(Матеј 26,57-68; Марко 14,53-65; Лука 22,54 и 63-71; Јован 18,12-15 и 19.27)

Синедрионот бил Собранието – Парламентот на Евреите, а истовремено претставувал конечен, Врховен суд, Големиот суд кој решавал за најтешки обвиненија, како што се: идолопоклонство, престап против израилскиот народ, лажно пророштво, навреда на првосвештениците и др.

Собранието го сочинувале седумдесет и еден член и тоа: првосвештеници, старешини и книжници, односно, видни луѓе. Судскиот процес во Синедрионот бил јавен и усмен, а за доказ на обвиненијата биле повикувани и 2-3 сведоци. Исто така, се користела и заклетвата како форма на доказ. Обвинетиот немал право на свој бранител. Ако, пак, обвинетиот сам ја признаел вината, тоа не било доволно за да биде прогласен за виновен, туку се барале и сведоци.

Синедрионот не судел во сабота и во празнични денови. Судскиот процес морал да почне денски и да заврши додека има дневна светлина. Ако обвинетиот бил прогласен за невин, тогаш одлуката на судот била веднаш соопштувана, а ако за обвинетиот била изречена смртна казна, тогаш таа одлука морала да се преиспита уште еднаш во наредниот ден, па дури тогаш да се донесе конечната одлука.

Ова биле основните кодексни правила според кои се раководел Синедрионот. При судењето на Господа Исуса Христа, Синедрионот отстапил од овие основни правила и драстично ги прекршил во четири форми:

1. Господа Исуса Христа Го прогласил за виновен заради хула на Бога, а врз основа на Неговото лично признание дека е Син Божји;

2. Судската постапка за изрекување смртна казна била водена ноќе, а не преку ден;

3. Пресудата била изречена истиот ден, а не наредниот;

4. Ноќната седница на Синедрионот била вонредна и на неа не присуствувале некои членови од Синедрионот (како на пример, Никодим). Тоа значи дека на таа седница селективно биле повикани оние што се знаело дека се сигурно против Христа.

Синедрионот правел сè за да Го осуди Христа. Тие, иако уште порано веќе имале одлучено дека Исуса треба да Го убијат, според, за нив, доволни прекршоци и причини, сепак, имале потреба од судско обвинение и судска постапка, преку која ќе се оправда порано изречената смрт за Него.

Затоа, синедрионците овојпат правеле сè да ги пронајдат сите факти за да го решат ова прашање како што одлучиле уште порано. Тие се потрудиле да најдат сведоци против Исуса, но, се вели дека сите сведоци биле со лажни сведоштва и без законска основа.

Сведочењата биле дури и меѓусебно противречни. Но, синедрионците, кои биле луѓе на гревот и осудата, луѓе достојни за осудување, тие – таквите го сочинувале судот и сакале да донесат смртна пресуда и да Го убијат Христа.

Поимот лажен сведок и лажно сведочење е познат и во правото и во Старозаветниот закон, каде што јасно се вели: „Не сведочи лажно против својот ближен.” Тоа деветата Божја заповед од Декалогот (2. Мој. 20,16). И се додава: „Не примај лажни изјави; не мешај се со неправедни, за да сведочиш криво” (2. Мој. 23,1).

Првосвештениците пронашле, односно поткупиле повеќе лажни сведоци кои, како Јуда, за пари го помагале злото. Но, се забележувало дека лажните сведоци, со исконструирани лаги, биле доведувани од повеќемина синедрионци и тие зборувале различно, па дури и си противречеле еден на друг. Тоа потврдува дека и со најдобри зборови, и со најсилна речитост, и со многу сведоци, тешко може лагата да се докаже како вистина и да се одбрани.

Синедрионот се нашол во непријатност, бидејќи и покрај многуте лажни сведоци и обвиненија, не можеле да ја оправдаат пресудата за смрт, а Христос молчел.

Потоа, првосвештеникот Му поставил директно прашање: „Ти ли си Христос, Синот на Благословениот” или, пак, обичен човек?

Прашањето: дали Господ Исус Христос е Син Божји или е обичен човек, се поставува постојано, уште оттогаш, па до денес – од судницата на Синедрионот, па до ден – денешен!

Првосвештеникот повторно Го прашува Господа Исуса Христа, но не со цел да ја дознае вистината и да поверува, туку за да дојде до нешто со што би Го осудил.

Господ Исус Христос, ако одречел, тогаш би приличел на лажен Учител и недостоинствен во зборовите и делата, а ако потврдел дека е Син Божји, веднаш ќе бил обвинет за богохулство. Овојпат јасно и достоинствено одговорил: „Јас сум” и, знаејќи што ќе следи по ваквата изјава, Он покажал подготвеност за страдање и смрт на крстот.

Сепак, овде е најважно дека Господ Исус Христос искажал Самосведоштво за Себе си и рекол дека е Син Божји, Месија и Спасител на светот. Он знаел дека тие нема да Му поверуваат на Неговите зборови и нема да прифатат дека е Он „Христос, Синот Божји”, но сакал, предсмртно, свесен за сите последици, јасно за сите луѓе да каже Кој е.

Христос тоа го кажал во најголемиот еврејски суд – во Синедрионот, пред најбитните личности, за да не можат подоцна истите да речат, а и никој да не може да рече: „Ако бевме чуле од Него сведоштво за Самиот Себеси дека е Христос и Син Божји, ќе поверувавме!” Токму затоа и осудата ќе биде голема и кон нив, и кон сите, коишто и по ваквата јавна, лична изјава на Господа Исуса Христа, не верувале во Него. Со ваквиот одговор, Господ Исус Христос покажал дека е Син Божји и дека е Бог вистински од вистинскиот Бог.

Кај еврејскиот народ, пак, употребата на Божјото име била забранета и тоа се сметало за голем грев – хула на Бога. Тврдењето дека е Он „Христос, Синот на Благословениот”, за членовите на Синедрионот претставувало неподносливо светогрдие и хула, а за такво хулење Синедрионот можел да изрече и смртна казна. Токму затоа ова обвинение било земено како основа – како основно обвинение за Синедрионската одлука: „Осуден на смрт”.

Господ Исус Христос пред Јудејците и порано сведочел и велел дека е Он Син Божји и тие Го обвинувале дека хули на Бога, па земале „камења да Го убијат” (Јован 10,31). Он секогаш тврдел дека е Син Божји и знаел каков гнев предизвикувале таквите Негови зборови и дека Јудејците биле готови за тоа „да Го убијат”.

Покрај Својот директен одговор со зборовите: „Јас сум”, Господ Исус Христос додава дообјаснувања и вели: „Ќе Го видите Синот Човечки како седи од десната страна на силата и како иде на облаците небески” (Марко 14,62).

Со овие зборови, сакал на синедрионците да им рече: – Вие сега Мене Ме судите неправедно, но Јас сум Оној што ќе ви суди праведно, вам и на сиот човечки род! Овде се изречени и двете пресуди: Тие Го осудија Христа, а Господ Исус Христос ги осуди нив.

Овие Негово зборови се пресудата на еврејските првосвештеници, книжници, старешини, фарисеи, садукеи и лицемери. Христа Го распнаа веднаш и ја извршија пресудата, а Божјата пресуда врз нив се исполнила во времето на страшните страдања, за време на разрушувањето на Ерусалим, кога првосвештениците биле убивани во олтарот додека принесувале жртва. Сепак, тие страдања се најава и праслика на вечните страдања кога ќе се изврши целосната пресуда врз нив и врз нас.

Синедрионот ја донел пресудата: „Исус од Назарет, заслужува смртна казна заради хулење”!

Кога синедрионците Го осудиле Христа на смрт, иако според судската практика и правило, требало таа пресуда да биде уште еднаш потврдена, тие веднаш им дозволиле на нивните слуги да се однесуваат кон Него како кон осуденик на смрт и да Го удираат. Тоа го правеле и „некои” од синедрионците.

Измачувачите, терајќи Го Христа да прорече кој Го удира, сакале што е можно повеќе да Го потценат и навредат. Сакале да се подбиваат со Неговите зборови дека Он е Христос, Син Божји и Месија, а како таков би требало да биде и пророк и повеќе од тоа, па да им погодува кој Го удира.

+ + +

Потоа, следат останатите настани од Велики Петок, сè до распнувањето, смртта и погребението на Господа Исуса Христа.

Извор: МИА