Велика Британија одби да им го


Александар Вучковски - сомелиер: Како македонските вина го освојуваат светот? ↓↓↓


Откако ќе завршат сите судски спорови кои се водат против него, Џулијан Асанж е слободен да се врати дома, во Австралија. Ова го изјави австралискиот премиер Скот Морисон, еден ден откако британскиот суд одби да го екстрадира основачот на Викиликс во САД, пренесе Ројтерс.

Заклучувајќи дека поради психички проблеми постои голем ризик американскиот свиркач да изврши самоубиство, британска судијка во понеделникот го отфрли барањето за екстрадиција во САД, каде што Асанж требаше да се соочи со обвиненија за шпионажа.

Министерството за правда на САД соопшти дека ќе ја обжали одлуката пред повисок суд.

„Судскиот систем има свои процедури, а ние не сме дел од тоа. На Асанж, како и на секој Австралиец, му беше понудена конзуларна поддршка и кога ќе заврши сè, тој може да се врати дома како и секој друг Австралиец“, изјави Морисон за локалното радио 2ГБ.

Американците поднесоа 18 обвиненија против Асанж (49) за време на администрацијата на поранешниот претседател Барак Обама, во врска со објавувањето доверливи документи со информации за американски воени операции.

Приврзаниците го сметаат Асанж за херој кој се жртвуваше разоткривајќи ги илегалните активности на САД во Авганистан и Ирак и велат дека кривичните пријави против него се воедно и напад врз новинарството и слободата на говорот.

Викиликс во 2010 година објави американско воено видео, на кое се гледа напад на хеликоптер Апачи во Багдад во 2007 година, кога загинаа десетина луѓе, меѓу кои и двајца новинари на Ројтерс. Потоа објави илјадници тајни документи и дипломатски депеши.

Мексико во понеделникот му понуди политички азил на Асанж, потег што може да ги налути Соединетите Држави.