Велигденска велосипедска пелагониска тура – прекрасни глетки кои го полнат духот


Диск голф го освојува светот, а го нема во Македонија!? ↓↓↓


Продолжениот велигденски викенд воедно донесе и комплет „викендашко“ убаво време кое како порачано ни дојде за едно привлечно велосипедско развозување низ нашата омилена Пелагонија која нуди импресивни рамничарски дразби, проследени со воодушевувачки панорамски погледи на околните планински масиви кои од сите страни стражарат околу неа.

Екипата, како и секогаш, непретенциозно голема, овој пат не повеќе од тројца луѓе, за опуштено, релаксирано и лезет пролетно возење по асфалтот низ пелагониските села (не дека преку зимата велосипедите ни беа хибернирани, далеку од тоа, ама сепак, пролетта ги нуди најубавите и најидеални временски услови за ваква рекреација). И без да ви должиме многу со детални и во случајов непотребно опширни описи на турата, ќе ви наведеме само основни параметри на рутата и топонимите, а останатото ќе им препуштиме да го раскажат фотографиите.

13.04.velosipedska1Првата дразба на патот – селската чешма во Мало Коњари

За секој кој е обожавател за рамничарско возење велосипед, далеку полесно и поедноставно од планинарскиот велосипедизам (многу моќна дразба и предизвик кој нуди убавини и силен адреналински набој, но за кој треба добра физичка подготвеност и добар, скап велосипед, заради ваша безбедност, што не е предуслов за ваков тип на рекреативно возење велосипед, каде можете да возите и со просечен точак), ова е една од оние идеално трасирани тури – немате потреба од носење на посебен багаж (освен можеби една резервна преслека на алишта, ништо повеќе), бидејќи на секои неколку километри поминувате низ живо и релативно развиено пелагониско село, каде можете тековно да си правите набавки за поткрепа со храна и освежување со некој пијалок, од локалните продавници. Значи, со многу љубов и волја во вас за возење велосипед, и со малку пари в џеб, можете да си овозможите интересно и привлечно велосипедско уживање кое би траело не повеќе од 5 часа, нормално, ако возите со опуштено средно темпо (истата тура, извозена со динамично темпо, би траела не повеќе од 3,5 часа, но тоа не е поентата, поентата е да се ужива).

13.04.velosipedska2Кон Кадино Село – со прекрасни пелагониски пејзажи околу нас (за жал Пелагонија во голема мера е под вода поради неколкуте изливања на Црна Река предизвикани од сезонските дождови, па полјоделската пролетна сеидба е генерално загорзена во добар дел од рамницата)

Почетокот на турата е од Прилеп, за потоа да поминете низ уште две општини, Кривогаштани и Могила, и во серија да ги поминете селата Мало Коњари, Кадино Село, Боротино, Обршани, Бела Црква, Воѓани, Бучин, Трновци, Ивањевци, Ново Лагово, а попатно, на непосредна близина од половина километар поминувате и до села како Свето Тодори, Подино, Вашарејца и Тополчани. Должина на турата – околу 65 километри. Теренот главно и најмногу рамничарски, со мали угорни делници кои најчесто се некој вид на мини превојчиња меѓу две села – ништо претенциозно, ништо посебно напорно и ништо опасно, секако. Ете, толку во дескрипцијата. Останатото на фотографиите, со некој пригоден текст под нив.

13.04.velosipedska3Молчалив дијалог на Месечината и осаменото дрво

13.04.velosipedska4Штрковите се веќе задомаќинети во Кадино Село

13.04.velosipedska5Преминуваме во нова регион – општина Кривогаштани ни посакува добредојде

13.04.velosipedska6Пасторална идила пред влезот во село Боротино

13.04.velosipedska7Боротино на повидок

13.04.velosipedska8Боротински зумбулчиња

13.04.velosipedska9Продолжуваме понатаму, преку Обршани, Бела Црква, Воѓани, кон Бучин – прекрасна глетка кон Солунска Глава

13.04.velosipedska10

13.04.velosipedska11Римскиот Стар Мост на Црна Река во селото Бучин

13.04.velosipedska12

13.04.velosipedska13Легендарниот бучински рид на кој се наоѓаат остатоците од античкиот град Алкомена

13.04.velosipedska16

Низа прекрасни панорами на околните планински масиви – уште еднаш Даутица и Јакупица со Бел Камен и Солунска глава, па (подолу) следни се Златоврв и прилепскиот Козјак, па уште една панорамска глетка на прилепските планини и врвови која ја вклучува и Селечка Планина

13.04.velosipedska18

13.04.velosipedska14

13.04.velosipedska17Мала пауза со поглед на дел од преостанатиот пат кон село Вашарејца кој се простира пред нас

13.04.velosipedska19Уживавме во крајпатните цветни убавини

13.04.velosipedska22Фантастичен панорамски поглед на Баба Планина со нејзините вгордеани врвови

13.04.velosipedska20Сцена како од разгледница пред влезот од селото Вашарејца – во позадина се наѕира Ниџе со Кајмакчалан

13.04.velosipedska21Продолжуваме кон Прилеп, со импресивни глетки на Солунска Глава кои ни ги полнат зениците и ни го возвишуваат духот

За овој пат толку, се надеваме дека сцените кои ви ги пренесовме тука, а кои прикажуваат еден многу мал дел од дразбите кои се редат и доживуваат во оваа велосипедска уживанција ќе ве привлечат и намамат и вие да ги искусите на непосреден начин.

Фотографии и текст: Александар Војнески