Александар Вучковски - сомелиер: Како македонските вина го освојуваат светот? ↓↓↓
Кога пред 35 години Костадин Богдановски, тогаш на 7-годишна возраст, посакал да научи да свири виолина, неговиот татко, уметникот Светозар Богдановски, со цел да му овозможи добар инструмент на својот син – нешто за кое, како што вели, немал пари, решил да ја изработи својата прва виолина. Останатото поврзано со виолините „Богдановски“ е историја, а за овие инструменти знае цел свет, пренесува Ројтерс.
Денес виолините на Богдановски се продаваат по цена од 60.000 евра и се продаваат низ целиот свет, додека Костадин е меѓународно признаен виолинист. Неговата помала сестра Фросина исто така е професионална виолинистка.
„Морав да создадам услови за него (Костадин) да се развива. Првиот услов беше да се има добар инструмент, за кој немав пари“, рече Богдановски за Ројтерс.
Велешанецот Богдановски на крај се откажал од својата работа како уметник и целосно му се посветил на правењето виолини.
Неговата сопруга Марија – професорка по виолина – и колешката уметница Татјана Мишева, исто така му се придружиле во новиот бизнис, а тој сега има направено повеќе од 700 инструменти, од кои некои се копии од инструменти изработени од познати италијански мајстори како Гварнериус.
Богдановски користи јаворово дрво за дното на своите виолини и смрека за горниот дел, двете исклучиво од древни босански шуми. Дрвото прво се суши, а потоа неколку години се чува натопено во солена вода пред да почне изградбата на инструментот.
„Секоја виолина има нешто специфично и уникатно. Токму затоа ниедни две виолини не се исти, иако сите инструменти изгледаат исто. Тие се разликуваат една од друга исто како и луѓето“, вели тој.
Од меѓународните награди што ги добил, Богдановски е особено горд со наградата што еден од неговите инструменти ја освоил во Италија против конкуренција од занаетчии што потекнувале од мајстори за виолина од Кремона.
Тој исто така двапати ја освои престижната годишна награда на Виолинското друштво на Америка, во 2008 и 2012 година. Американката Рејчел Бартон, Србинот Роберт Лакатос и Гркот Јониан-Илија Кадеша се меѓу истакнатите виолинисти што ги користат неговите инструменти.
Насловна фотографија: Адмир Фазлагиќ