Велешаните Митров и Тахов поштено си изгазија со велосипеди до Истанбул и назад


Александар Вучковски - сомелиер: Како македонските вина го освојуваат светот? ↓↓↓


Три дупнати гуми, многу авантури, убавини, богато искуство, возбуда и 1.500 извозени километри беа дел од вкупно 14-те дена кои велешаните Дејан Митров и Коста Тахов ги поминаа на велосипед во нивниот подвиг со велосипеди да појдат до Истанбул и назад.

Оваа возбудлива и импресивна велосипедска авантура тие си ја финансираа со свои средства.

„Прво место во кое одморивме беше Дојран, од каде потоа влеговме во Грција. По пат, по градовите и селата сретнавме секакви луѓе. Некои расположени да помогнат со ладна вода, сместување, кафе и друго, а некои расположени да го решиме проблемот со името тука,на лице место, и кои прашуваа: Where are you from? А ние им одговаравме: Macedonia, на што тие додаваа Skopia? А ние дополнувавме:: No, Veles. Секако одговорот ги оставаше збунети. Грција ја поминавме со спиење во шатори во Кавала и Александрополис. По патишта од асфалт, коцки, камења, земја. Лаења, заби и лиги од возбудени кучиња, разлетани на сите страни по густата темница. Борба со силен и константен ветар од спротивна насока. Пренасочен сообраќај поради срушен мост. Морбидни мрачни и длабоки клисури, стари римски мостови, куќата на вештерката од приказната за Ивица и Марица, модерен автопат, граница. Во Турција не пречека гранична полиција и војска, вооружени до заби и топол поздрав “Мераба”. Само што влеговме почна да паѓа мрак и да излегува месечината над патот. Поубава глетка нема. Патот широк, без никаква дупка во асфалтот. Возиме од Ипсала, покрај Кешан накај Текирдаг. Пред Текирдаг околу 3 часот почнавме да заспиваме возејќи на велосипед, па се паркиравме на една бензинска за да ги задоволиме малку потребите од сон. Во Текирдаг не опече немилосрдно сонце. Не гореше. Знаевме дека имаме уште многу до Истанбул и дека рутата мора да се извози. По малиот одмор во еден попатен парк и се впуштивме во нов предизвик поради патот кој е „убиствен“ поради константните искачувања и спуштања во комбинација со жешкото сонце. Но ентузијастички го испивме прво вистинско турско кафе додека од десна страна го гледавме Маморно море, раскажува Митров во интервјуто за порталот „Дума“ кое целосно можете да го прочитате ТУКА.