Александар Вучковски - сомелиер: Како македонските вина го освојуваат светот? ↓↓↓
Две и пол децении откако рапавиот глас на Курт Кобејн ги извлече припадниците на „генерацијата Х“ од нивните соби и ги одведе во клубовите во Сиетл, покојниот фронтмен на Нирвана, чија 25-годишница од смртта се одбележа минатиот петок, и понатаму е пример и идол на многу млади и несреќни ширум цел свет.
Музичкиот свет одбележува четврт век од денот кога пионирот на гранџ музиката си го одзеде животот на 27-годишна возраст, придружувајќи им се на музичките легенди во неславниот „клуб 27“ кои исто така починале на 27-годишна возраст, во кој се вбројуваат Џими Хендрикс, Џенис Џоплин, Џим Морисон, Брајан Џонс. Од понов датум во овој „клуб“ со својата прерана смрт влезе и Ејми Вајнхаус.
Бившиот менаџер на Кобејн, Дени Голдберг, за оваа годишнина од смртта на Курт објави книга за него, порачувајќи дека најпосле е спремен јавно да направи осврт на оставштината од мистериозниот музичар. Голдберг се сеќава на Кобејн како на авангарден уметник чии хумор и хуманост ја краселе неговата скриена душа.
„Неговата медиумска слика стана малку искривена и несразмерно фокусирана на неговата смрт, наместо на животот и уметноста“, посочува Голдберг.
„Беше пејач со неверојатен дух. Неговиот глас пренесуваше ранливост и интимност, а тоа е реткост“, изјави Голдберг за France Press. „Стана некој кој им помагаше на луѓето помалку да се чувствуваат како чудаци и да бидат помалку осамени“, додава тој.
Таа емпатична карактеристика на музиката од Кобејн ѝ обезбеди статус и денес да биде релевантна, смета Голдберг. Таа се однесува и на денешните тинејџери со цели светови оддалечени од дождливиот пацифички северозапад од формативните години на фронтменот од Нирвана.
Универзалноста на неговите пораки е причината што од Толедо до Токио и понатаму можат да се видат маици со славното лого од бендот, „смајли“ со крстни очиња и исплазен јазик.
„Тој е еден од неколкутемина уметници чиј труд патува низ времето“, истакнува Голдберг.
Култот кон Курт
Кобејн пораснал во шуместиот Абердин, два часа северозападно од Сиетл. Објавата на албумот „Nevermind“, втор од трите студиски албуми на Нирвана, преку ноќ го претвори во бог на рок музиката. Со „Nevermind“ Нирвана се лансираше во музичкиот врв и создаде култ кон ликот и делото на Кобејн.
Голдберг се запознал со Кобејн во 1990 година, кога Нирвана беа на нивните почетоци и се надевале дека ќе успеат со својата уникатна мешавина од панк, метал и мелодичност вдахновена од Битлс да се пробијат на музичката сцена.
Со споменатиот албум „Nevermind“ тоа буквално им појде од рака. Албумот стана еден од најуспешните албуми на сите времиња со над 30 милиони продадени примероци ширум цел свет. Мајкл Џексон преку ноќ беше симнат од тронот на американската топ листа, а Нирвана стана бенд кој го смени правецот на поп-културата, инспирирајќи цела серија други музичари, како и моден стил и етос.
Во три и пол години, колку што соработувал со Кобејн, Голдберг го сведочел спектакуларното издигнување на Нирвана. Бил покрај него за време на неговата топла, но бурна врска со музичарката Кортни Лав и родената ќерка Френсис Бин, која денес има 26 години. Бил сведок на интервенциите со кои Кобејн се обидувал да се одвикне од хероинот.
Неговата смрт, со која исчезна еден уникатен глас, болен како и неговото проштално писмо, го шокираше светот.
„Веќе немам страсти и затоа запамтете, подобро е да се изгори, отколку да се избледне“, напиша Кобејн цитирајќи стих од песната на Нил Јанг „My My, Hey Hey“.
Веста за самоубиството на Кобејн силно го погодила Голдберг, кој дури неодамна успеа душевно да се помири со тој факт. „Долго време тоа ми беше премногу болно“, признава тој. „Ми недостига, уште го сакам. Но, драго ми е што воопшто го познавав“, додава Голдберг.
Музички гениј
Бившиот менаџер на Нирвана, кој Кобејн го викал „втор татко“, потенцира дека зад дрогирањето и депресијата се криел музички гениј. Голдберг верува дека запуштениот имиџ на Кобејн го одвраќал вниманието од неговиот импресивен интелект.
Нагласува дека Кобејн се борел за женските права и помагал за „редефинирање на машкоста“ во музичкиот свет.
„Знаеше да биде исклучително моќен и харизматичен, а во исто време емотивен и грижлив. Тоа беше исклучок од тогашниот дискурс во рок музиката“.
Систем на вредности
Во своите мемоари Голдберг се потсетува на настапот на Нирвана во Аргентина, кој Кобејн го разлутил бидејќи публиката ја исвиркала женската предгрупа на Нирвана, Calamity Jane. Лидерот на Нирвана им се одмаздил за тоа на публиката со тоа што одбил да го свири најголемиот хит на бендот, „Smells Like Teen Spirit“.
„Не заслуживте да ви ја свириме таа песна“, им порача тогаш Кобејн на обожавателите кои беа на концертот.
„Беше посветен на феминистичкиот идеал и почитувањето кон сите“, истакнува Голдберг и додава дека Курт ги поддржувал и правата на хомосексуалците.
„Имаше вистински поразлична визија за тоа што значи да се биде рок ѕвезда“.
Бившиот менаџер одби да погодува како би изгледал Кобејн доколку уште беше жив, но сигурен е дека и понатаму би бил иновативен, бидејќи постојано еволуирал и „не се копирал самиот себе“.
„Само се надевам дека, што и да правеше тој денес, да беше жив, ќе имав прилика да се дружам со него“, заклучува Голдберг.