Вечер почнува 3. Филмски фестивал за млади „Џифони Македонија“


Диск голф го освојува светот, а го нема во Македонија!? ↓↓↓


Со премиера на италијанскиот филм „Во Неапол никогаш не врне“ вечер во кино „Милениум“ ќе биде отворен 3. Филмски фестивал за млади „Џифони Македонија“.

Поддржувачи на фестивалот се Министерството за култура, Министерството за образование и наука, Италијанската амбасада, Младинскиот клултурен центар (МКЦ), Македонскиот народен театар (МНТ), Кинотека на Македонија, а од годинава генерален спонзор е Македонски Телеком.

Во петте фестивалски дена ќе бидат прикажани повеќе филмови. Во официјалната селекција во програмата на годинашното издание има 15-тина филмови од Данска, Чешка, Германија, САД, Русија, а првпат во селекција е филм од Турција.

Предвидени се два мастер класа, осум работилници за сениорите и кадетите и четири работилници за јуниорите. Новитет е што двете возрасни категории ќе останат во МКЦ, а јуниорите годинава се на нова локација во МНТ. Од македонските филмови ќе се прикажат „Илузија“ во режија на Светозар Ристовски и „Големата вода“ на Иво Трајков.

Дарко Башески, в.д. директор на Агенцијата за филм на Република Македонија информира дека „Џифони Македонија“ го почнале во соработка со најголемиот фестивал за деца и млади Giffoni Experience од Италија.

– По десетгодишно учество на наши деца во Италија, склучивме договор со фестивалот за партнерство и го организираме „Џифони Македонија“ како регионален фестивал, секоја година со меѓународно учество на деца од повеќе држави, рече Башески. Според него, целта е да се прошири филмската култура кај младите, да се развие нова публика за кино-салите, а децата и младите да се приближат кон филмската уметност.

Годинава како дел од интернационалното жири ќе бидат 600 млади од Македонија и 50-тина млади од повеќе од десет држави од регионот и пошироко и тоа Србија, Хрватска, Албанија, Романија, Русија, Шпанија, Италија, САД, Франција и од Белгија.