Александар Вучковски - сомелиер: Како македонските вина го освојуваат светот? ↓↓↓
Вчерашниот инцидент на собраниска комисија во македонското Собрание кој ескалираше со фрлање шолји, тацни и шишиња од страна на актуелниот претседател на комисијата за европски прашања, Арбер Адеми, претседателот на Собранието, Талат Џафери, на итна координација го осуди насилството, а од опозицијата побараа итна оставка од Адеми. Судирот меѓу ДУИ и ВМРО-ДПМНЕ се префрли и на социјалните мрежи, што резултираше со полициска пријава, пренесува Дојче Веле.
Конфликтот ескалираше на Комисијата за европски прашања, каде што ВМРО-ДПМНЕ и Алијанса на Албанците се обидуваа да го спречат донесувањето законско решение со кое на повеќе судии и обвинители, кои треба да одат во пензија, им се продолжува работниот ангажман за три години. Нивната забелешка е дека станува збор за противправно продолжување на мандатот и реагираат зошто ова решение се носи по скратена постапка. Кога претседателот на Комисијата, Арбер Адеми, се обиде да ја затвори расправата за дневниот ред на седницата, на говорницата излегоа пратеници на ВМРО-ДПМНЕ и на Алијансата за Албанците. Според снимката, пратеникот Антонијо Милошоски го повлекува микрофонот на пултот, по што следи реакција на Адеми. Тој во еден момент зема шолја за кафе и ја фрла кон нив, погодувајќи некои од пратениците. Потоа низ законодавниот дом летаат и тацни и шишиња.
Адеми во изјава за „Слободен печат“ изрази жалење за инцидентот, но вели дека настаните биле испровоцирани од опозицијата. „Тоа не требаше да се случи. Реформската агенда на ова парламентарно мнозинство и на Владата треба да продолжи и не треба да потпаѓаме на вакви провокации од опозицијата, кои се мотивирани од странски агенти за дестабилизација на земјата и за дефокусирање на јавноста од евроинтеграциските процеси. Станува збор за закон кој овозможува владеење на правото и затоа опозицијата сакаше да го оневозможи неговото донесување. Такви сцени не треба да се повторат ни од опозицијата, ни од кој било друг. Жалам за ваквите сцени“, вели Адеми.
Тој додава дека опозиционерите се обиделе да го спречат гласањето за дневниот ред и дека имало насилство врз него. „Сите пратеници имаат партиска агенда, но таа не смее да биде на штета на институциите и граѓаните. Додека го држев микрофонот на сила ми го зедоа и физички ме повредија“, вели Адеми.
Дафина Стојаноска, пратеничка и член на ИК на ВМРО-ДПМНЕ по вчерашните случувања во Собранието, побара Адеми итно да си поднесе оставка од пратеничката функција.
Граѓаните самите ќе проценат од снимките кои се вртат по социјалните мрежи кој го предизвика инцидентот на Комисијата за европски прашања, велат од Кабинетот на Талат Џафери
„Вчера бевме сведоци на уште едно самоволие и насилство на владеачкото мнозинство во Собранието. Вчера на Комисијата за европски прашања, пратеникот и претседател на комисијата Арбер Адеми дивееше, кршеше инвентар и фрлаше предмети по пратеници“, вели таа. Според Стојаноска, тој ги оневозможил пратениците да го искористат деловничкото право да предложат други точки, пред истиот да биде усвоен. „Кога беше спречен од колегите пратеници, тој се изгуби тотално, почна да навредува, да влече и удира, да уништува инвентар, па дури и намерно да фрла цврсти предмети од кои еден го погоди колегата Азири директно во главата“, вели таа.
Опозицијата го повикува Јавното обвинителство да реагира, а во исто време бара да се симне имунитетот на пратеникот Арбер Адеми и да одговара за насилството во законодавниот дом.
Насилството беше осудено и на координација кај претседателот на Собранието, Талат Џафери. „Собранискиот Деловник ги дава сите можности за работа на Собранието и не дозволува насилство во која било форма. На координацијата исто така се заклучи и тоа дека граѓаните самите ќе проценат од снимките кои се вртат по социјалните мрежи кој го предизвика инцидентот на Комисијата за европски прашања. Ниту во земјите членки на ЕУ не се дозволува насилство врз претседавачот со седница на работно тело на Собранието“, се вели во соопштението.
Инцидентот се прошири и на социјалните мрежи, каде функционерот на ДУИ, Вaлмир Азири, државен секретар во Министерството за култура, по повод случувањата во Собранието на Фејсбук порача: „Антиалбанец како Антонио Милошоски заслужува повеќе. Помина времето на продавачите на магла. Новите генерации Албанци ќе им ги скршат рацете и нозете на сите што ќе се обидат да ги омаловажат Албанците“. Милошоски денеска за искажаните закани со физичко насилство и говор на омраза поднесе пријава во полиција.