Варошлија денес сведочеше за „Рекет“ – раскажа за апсењето на Боки


Александар Вучковски - сомелиер: Како македонските вина го освојуваат светот? ↓↓↓


Познатиот македонски стилист Сергеј Варошлија денес се појави во улога на сведок на судското рочиште за случајот „Рекет“.

Варошлија рече дека со Бојан Јовановски се познавале 15-на години, и многу се дружеле. Раскажа дека Јовановски бил близок многу со неговата баба Евгенија и дека таа како што рече, му оставила материјални добра на својот внук Јовановски за да го обезбеди, пренесува Фокус.

Тој раскажа и дека Јовановски бил многу модно освестен, и им бил многу интересен на многу модни дизајнери, кои го повикувале на модни ревии и му подарувале парчиња брендирана облека.

На прашањето на адвокатот Сашко Дуковски, дали ги познава Ана Камчева и Зоран Милевски Кичеец, тој рече:

„Ана Камчева ми е позната бидејќи ми била клиентка, а Зоран Милевски го знам од град, а подобро од 2018 година кога почна интензивно да доаѓа во 1ТВ и интензивно се дружевме. Речиси секој ден доаѓаше во телевизијата, а и во домот на Јовановски. Одевме на ручеци, вечери“, рече Варошлија.

Тој посочи дека еднаш Камчева и Милевски дошле заедно во телевизијата, а еднаш се разминале во домот на Јовановски.

„Се сретнавме на врата во домот на Јовановски, јас излегував, а тие влегуваа. Во рацете не носеа ништо“, рече Варошлија, одговарајќи на прашањето на адвокатот Дуковски дали во рацете носеле некаков несесер или ташна.

Тој раскажа дека Кичеец ги честел за неговиот роденден во кафуле, бидејќи роденденот требало да го слави во домот на Орце Камчев, но Јовановски не сакал да оди таму.

Варошлија одговори и дека во домот на Јовановски никогаш не ја видел Катица Јанева.

Тој раскажа и за денот кога Боки 13 беше уапсен.

„Многу убаво го паметам тој ден. Јас, Анета Кочишки и Лила Филиповска отидовме во неговиот дом, требаше да одиме на одмор. Тргнавме нормално, застанувавме по пат, а кога стасавме на граница, на пасошка контрола, Бојан го тргнаа на страна. Рекоа дека ние можеме да си одиме, а тој мора да остане таму. При претресот беа одземени и мои работи, некои чевли и чанти, бидејќи мислеа дека сè што е брендирано е на Бојан“, рече Варошлија.

Тој рече дека одморот бил планиран уште од пролетта, и дека Бојан не планирал да бега.

„Секој сам си го плати својот дел од одморот“, рече Варошлија.