Диск голф го освојува светот, а го нема во Македонија!? ↓↓↓
Францускиот дефанзивец Рафаел Варан категорично потврди дека и следната сезона ќе го носи дресот на Реал Мадрид.
Пред крајот на сезоната се појавија шпекулации дека Варан после шест години сака да ја промени средината, но Французинот потврди дека останува на „Сантиаго Бернабеу“.
„Ќе останам и следната сезона во Реал Мадрид и верувам дека ќе ги оживееме победничките емоции и ќе освојуваме трофеи. Во фудбалот има циклуси, знам дека не бев на врвно ниво изминатава сезона, но се надевам дека ќе отпочнеме нов триумфален циклус со Зинедин Зидан“,изјави Рафаел Варан во интервју за „Марка“.
Голема доверба во Варан има и тренерот на Реал Мадрид, Зинедин Зидан, кој е убеден дека фудбалерот ќе ја врати самодовербата и повторно ќе биде еден од најдобрите одбранбени фудбалери во светот.
„Сметам дека Зидан е човекот кој од мене може да направи уште подобар фудбалер. Се уште сум млад. Мислам дека сега сум во години кои се идеален микс на младост и искуство, поради тоа верувам дека оваа сезона ќе го видите најдобриот Варан“, додаде дефанзивецот.
Варан пристигна во Реал од Ленс во 2011 година, досега запиша 276 настапи и освои бројни трофеи, меѓу кои и 4 титули во Лигата на шампиони.