Ванковска: Името како безбедносна закана


Кој ќе тепа на Ел Класико!? ↓↓↓


Кругот е затворен! Т.н. проблем со името од стартот беше дефиниран како безбедносен (од Грција, исплашената мала членка на НАТО), за потоа оваа приказна ја „купи“ (поточно, успешно да ни ја продаде) и Советот за безбедност (претекстот беше крвопролевањето ширум бивша Југославија). Македонија, оазата на мирот, стана како јагнето кое му ја матело водата на волкот, па си го зеде сопственото име небаре крст на плеќите.

И врапчињата знаат дека обврската да разговара со соседот во насока на изнаоѓање заемно прифатливо решение не само што нема никаква правна основа (во Повелбата или која и да е конвенција), туку претставува повреда на меѓународното право. Разговорите, чудесно, поради нашите неспособни и поданички елити и притисокот на „меѓународната заедница“, се подигнаа на ниво на преговори за сопственото име.

Суштината на проблемот не само што е апсурдна, туку е неможно и да се дефинира, имајќи ги во вид компаративните искуства (на пример, Луксембург како провинција и како суверена држава). Но, врвот на глупоста не треба да се бара кај странците, туку во тоа што дури и Македонците (политичари, научници, интелектуалци, новинари) помеѓу себе почнаа очи да си вадат околу опсегот и есенцијата на проблемот. Таму каде што нормална држава би се здружила, нашиве се раскараа.

На Албанците им е сеедно за какво и чие име станува збор, бидејќи за нив името е туѓо и претставува пречка за нивниот евронационализам (сите Албанци во една унија/сојуз). На една трибина Ким Мехмети рече: што се однесува до нас, Албанците, можете да се викате и бавча на скапани патлиџани!

Слично е и со странците, кои не се помалку националисти од Балканците, особено кога станува збор за нивната „големина“, „национално достоинство“ или дури „ариевштина“ (оној неонацистички марш во Варшава е само еден од застрашувачките примери); и ним им е сосема сеедно дали ќе се наречеме бавча на скапани патлиџани или тикви, само да им се тргнеме од глава, вака мали, здодевни и проблематични.

Како што течеше времето, војните запреа, односите почнаа да се нормализираат дури и меѓу нациите кои пролеаја крв, но името остана со третман на безбедносен проблем. Бриселските бирократи (и воени кругови) сѐ почесто нѐ предупредуваа(т) дека името е „европско безбедносно прашање“, набаре ние сме си ја барале бељата или сме провоцирале. Никој не објасни за каква закана станува збор, која е опасноста, и од кого доаѓа. Пораката беше и остана: сменете го името и ќе ве пуштиме во нашиот Рај (но, откако ќе ги исполните и сите други услови – од кои сте далеку светлосни години).

Ние не само што не изградивме надворешно-политичка стратегија, туку немаме ни политичка платформа за нашата позиција во овој наметнат и асиметричен спор во кој Давид е послаб од Голијат. Наместо тоа, политичарите си го присвоија проблемот како дел на арсеналот за пресметка со политичките ривали – едните за да се позиционираат како бранители и патриоти, другите за да ја истакнат својата европска ориентираност и цивилизираност. Иако не е непосредно во суштината на спорот, процесот на т.н. антиквизација (антикоманија, би рекла поточно колешката Проева) беше само највидливиот израз на процесот на долгогодишно гноење, политичко експлоатирање и комерцијализирање на ова профитабилно прашање.

Да се потсетиме, бидејќи деновиве ни го перат мозокот без прекин, оваа политика беше последица на неуспехот во Букурешт 2008 година. Тогашната власт, всушност, капитализираше поради ветото (за што имаме и судска пресуда од Меѓународниот суд на правдата), па во отсуство на перспектива, а поддржана со набојот на национална фрустрација, почна да гради споменици и наративи кои требаше да ја држат нацијата горда, ако веќе е изолирана. Скопје 2014 се надоврза на веќе постојната етничка безбедносна дилема (уште од пред 2001 година), па јакнењето (макар и на лажниот и напумпан) национален мит кај Македонците си доживеа реплика кај Албанците. И така, до бесвест – до конечна поделба.

Денес, името како безбедносна закана добива нова димензија. Ако порано политичарите им се „закануваа“ на странците дека ќе се распаднеме ако не нѐ усвојат во НАТО и ЕУ, сега манипулираат со наводна руска закана. Бујар Османи ја поставува равенката прилично едноставно: подобро да го смениме името, одошто да ни ја снема државата! Ако не сме влегле во НАТО, ќе сме биле објект на инвазија на Марсовците (упс, пардон, на Русите).

Дека и натаму сме вејка на ветрот зборува орвелијанскoто двомислие (doublethink) на елитите! Така, Нано Ружин ќе извика: „Не може, бе, баланс со Грција! Знаеш ли ти која е Грција? Членка на НАТО и ЕУ. Точка. Лидершип на Балканот. Точка.“ За тоа време, министерот Димитров зборува како Грција ни е најдобар пријател, а Османи дека ќе сме постигнеле компромис од кој двете страни ќе биле подеднакво незадоволни (што ли е тоа што Грција може да го изгуби и да биде незадоволна, кога доброволно ќе си го смениме името; во асиметричен спор во кој небаре имаме адути и барања!?). За менталниот код на оваа гарнитура е тешко да се суди кога умее во иста реченица да сврзе космополитизам, НАТО, мир и страв од руската мечка. („Море влегувај во НАТО! Што поскоро! Оставате ја оваа влада да работи за доброто за Македонија!“ – вреска Ружин, кој од амбасадор на Македонија во НАТО (о)стана амбасадор на НАТО во Македонија.)

За оваа ситуација постои еден убав израз: fearmongering! Застрашување, играње на картата на стравот! По сѐ што преживевме, дезориентирани од доктрината на шокот, едвај и да остана сила за отпор. Конечното кршење на рбетот е во тек, како едно предизборно ветување. Подобро безбедност (од лошите Руси) отколку да бидеме тоа што сме! Да беше жив, денес Конески ќе беше проколнат како националист и албанофоб/еврофоб од демокративе и „земјаните“ (бившите веќе го нарекоа џуџе, човекот кој ги подари најубавите стихови некогаш испеани на македонски!). А пророчки му беа и зборовите за тежината на македонското име и обидите да ни го одземат.

Дојдовме во ситуација на Павлов рефлекс во кој инстинктивно се јавува стравот да кажеш дека си Македонец/ка, дека не сакаш промена на идентитетот. Со медиумска пропаганда и невладини проекти негуваат мазохизам, па и самомрзечки однос кон сѐ што почнува на М. Коѕијас порача (како и Нимиц милион пати): проблем не е само името на државата, туку деноминацијата на народот, на сите изведени зборови (македонски/македонско), кратенки, кодови и сл. Не е параноја ако точно ја разбирате пораката: не постои македонски народ, ниту Македонци! Кога тоа ќе го прифатите (resistance is futile), ќе бидете Боргови и наши сојузници во НАТО. Менгемето се стега, рокот е дефиниран на неколку месеци. Не знам која елита е полоша: онаа која се занесуваше дека е силна и патриотска (додека кротко преговараше) или оваа која е бесрамно поданичка и подлизувачка, која на коцка го става сето она што сме – за влез во воена алијанса! О, тешкото! … во градиве зошто жал лута ме стиска, во очиве зошто ми навира река, и зошто ми иде да плачам ко дете, да превијам раце, да прекријам лик – та гризам јас усни, стегам срце клето, да не пушти вик.

Извор