Александар Вучковски - сомелиер: Како македонските вина го освојуваат светот? ↓↓↓
На локалитет со римски археолошки наоди во областа Умбрија, Италија, архолозите открија костур кој има карактеристики на „вампирски погреб“ што е доказ за праксата за погребување на мртвите со цел да спречат „оживување“ на мртвите.
Ова претставува фасцинантен увид во размислувањата и верувањата на античките Римјани, пренесува The Independent.
„Никогаш не сум видел ништо слично“
Телото на десетгодишното дете било ритуално погребано со камен во устата, веројатно за да го спречат да не се „врати“ и да шири болести. Локално е познато како „Вампирот од Лугано“, а доказите на останките сугерираат дека детето починало од маларија.
„Никогаш не сум видел ништо слично. Беше екстремно застрашувачки и чудно“, изјави професорот Дејвид Сорен, археолог од Универзитетот Аризона, кој над три децении ги води ископувањата во оваа област.
Верување во магија
Наоѓањето на скелетот во чија уста има камен е последното интересно откритие од „Детските гробишта“, локалитет кој содржи неколку десетици детски скелети и докази за верување во магија, како жабји коски, бронзени садови и нозе од врани.
Локалитетот датира од 5 век, кога дошло до ширење на маларија во делови од Италија, а археолозите веруваат дека гробиштата биле намерно направени за бебиња и деца кои се најподложни на болести.
Телото на 10-годишното дете е највозрасно кое е пронајдено на локалитетот, а научниците се обидуваат да го идентификуваат и полот на детето.
Интересни ритуали
Слични погребни ритуали со цел спречување на враќање во живот на покојониците се забележани од Венеција до Нортанмптоншир. Тие вклучуваат сечење на телата и забивање колци во срцето.
„Ова е доста необична форма на погребување која може да се види во различни облици и во различни култури, особено во римскиот свет, што сугерира дека постоел страв дека мртвите можат да се вратат во живот и да продолжат да ги шират болестите од кои починале тие“, објаснува археологот Џордан Вилсон, кој го прегледуваше телото.
Откритија како ова даваат уникатен увид во размислувањата и верувањата на старите Римјани и нивните стравови за животот после смртта. Археолозите ќе се вратат на овој локалитет следното лето и ќе продолжат со истражувањата.