Вака пред 35 години беа отворени Зимските олимписки игри во Сараево


Александар Вучковски - сомелиер: Како македонските вина го освојуваат светот? ↓↓↓


На денешен ден, 8 февруари, 1984 година, една од најдобрите југословенски лизгачки, Санда Дубравчиќ, го запали олимпискиот оган на олимпискиот стадион „Кошево“ и го означи почетокот на најголемиот спортски настан било кога одржан на овие простори.

Организацијата на Зимските олимписки игри во 1984 година чинеше 142,6 милиони американски долари, а преку телевизиските приемници овој спортски настан го проследија околу 2 милијарди луѓе од цела планета. Вкупно беа продадени 250.000 влезници за сите спортски случувања, од кои 200.000 беа продадени во странство.

На овие Зимски олимписки игри учествуваа 1.272 спортисти од 49 земји, а од спортските борилишта известуваа над 4.500 новинари. После завршувањето на оваа зимска Олимпијада, на Сараево, покрај олимписките објекти, му останаа 2.850 новоизградени станови, повеќе хотели, а имаше отворено и 9.500 работни места.

Натпреварувањата беа одржани на Јахорина, Требевиќ, Игман, Бјелашница, во „Зетра“ и „Скендерија“. Југославија беше прва социјалистичка земја во која се одржаа Зимски олимписки игри, и втора земја со социјалистичко политичко уредување која ја доби организацијата за најголемиот спортски настан на планетата, после СССР, односно Москва во 1980 година кога беа одржани Летните олимписки игри.

За жал, сето она што во тоа време беше изградено, беше оставено на забот од времето кој, во отсуство на човечка грижа и волја за одржување, лесно и безмилосно го опустоши колку што може.