В четврток пленарна седница за интерпелација на Талат Џафери


Александар Вучковски - сомелиер: Како македонските вина го освојуваат светот? ↓↓↓


Пленарната седница за интерпелацијата на претседателот на македонското Собрание, Талат Џафери поднесена од опозициската ВМРО-ДПМНЕ ќе биде закажана за в четврток на 30 јуни, потврди самиот Џафери по барањето на пратеникот од Левица, Димитар Апасиев за работата на претседателот на Собранието да се расправа на денешната пленарна седница.

Пратениците на ВМРО-ДПМНЕ ја поднесоа интерпелацијата за Џафери уште на 30 мај, односно по неговото вулгарно обраќање кон собраниски службеници и по заклучувањето на вратата во пленарната сала додека траеше поединечно изјаснување.

Пратениците од ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата, кои спроведуваат „активна блокада“ во Собранието, го обвинуваат Џафери за нестручно и несовесно работење и претседавање со Собранието. Според нив, во неговиот мандат, сѐ со цел исполнување на коалициските договори, Џафери постапувал како пратеник на власта, а не како претседател на Собранието.

Џафери, пак, преку соопштение одговори на поднесената интерпелација која, според него, „содржи низа невистини и претставува груб обид за манипулација“.

„Пратениците на ВМРО-ДПМНЕ, секако, се свесни дека, за дневно – политички цели, поттикнати од нивното партиско седиште, пласираат груби невистини со наводите во интерпелацијата дека ги прекршувам Уставот, законите и собранискиот Деловник“, напиша Џафери.

Согласно член 49 став 1 од Деловникот, претресот по интерпелацијата трае еден работен ден, до исцрпувањето на листата на пријавените пратеници за збор, а се одлучува најдоцна до 24.00 часот. Претседателот на Собранието Џафери на седницата има право да го образложи својот писмен одговор или да даде устен одговор на поставената интерпелација.