Александар Вучковски - сомелиер: Како македонските вина го освојуваат светот? ↓↓↓
Податоците од официјалните документи со анализа на домати направени во лабораторијата на Факултетот за ветеринарна медицина во Скопје што покажаа дека во земјава има домати со недозволена концентрација на пестициди, за Агенцијата за храна и ветеринарство (АХВ) се сомнеж.
Во одговорот од Агенцијата кој го пренесува порталот МКД.мк од таму велат дека се работи за мостри на домати што не се официјално земени од надлежните инспекциски органи, туку од физичко лице и доставени во Факултетот. За нив нема никаков доказ за потеклото на доматите и од каде се земени мострите и затоа резултатот од страна на АХВ се смета за сомнеж. Но барем засега на овој сомнеж нема никаква реакција.
Член 91 став 1 од Законот за безбедност на храна вели дека во случај на сомнеж за неусогласеност, на идентитетот, на актуелната дестинација на пратката или во поглед на усогласеноста меѓу пратката и податоците во сертификатот, Агенцијата спроведува официјални контроли со цел да го потврди или да го елиминира сомнежот.
Но каде завршиле овие домати, се изеле ли, се уништиле ли, има ли сѐ уште од нив на тезгите на пазарите, никој не знае. Од АХВ за МКД.мк одговорија дека врз основа на ова, Агенцијата преку инспекторите веќе спроведува дополнителни, засилени контроли на местата каде што се продаваат домати од оператори што извршиле увоз од Република Албанија, заради утврдување на потеклото на доматите, односно дали станува збор за производ од увозно или од домашно производство и дали доколку се увезени, ја имаат потребната документација, која опфаќа и извршени лабораториски анализи.
На социјалните мрежи се појави информација дека 10 камиони со небезбедни домати со потекло од Албанија се увезени во Македонија и дека се опасни за здравјето на луѓето. Овој документ го објави и нашата редакција, а од Факултетот за ветеринарна медицина, чиј меморандум стои на документот, ни потврдија дека примероци од домати се донесени и испитани кај нив, дека тоа се добиените резултати, како и дека документот што покажува вредности опасни за здравјето на луѓето веднаш се предадени во АХВ.
„Резултатите за кои ме прашувате се официјален документ издаден од нашата лабораторија во склоп на Факултетот за ветеринарна медицина. За нас тоа е валиден резултат дека примерокот што ни е доставен не е во согласност со стандардите и Законот за безбедност на храна. Веднаш овој документ е испратен до Агенцијата за храна и ветеринарство. Тоа е нашата обврска и ние сме го направиле тоа“, изјавил за МКД.мк Деан Јанкуловски, директор на Институтот за храна.