Утрово започна новата, четврта рунда преговори помеѓу Украина и Русија


Александар Вучковски - сомелиер: Како македонските вина го освојуваат светот? ↓↓↓


Денеска претпладне почна четвртата рунда преговори меѓу украинската и руската делегација, која за првпат ќе се одржи преку видео врска, напиша на Твитер еден од украинските преговарачи и советник на претседателот Зеленски – Михаил Подољак.

Тој истакна дека и во оваа рунда преговори Украина ќе бара мир, прекин на огнот, повлекување на војниците и безбедносни гаранции.

„Четвртата рунда разговори меѓу Украина и Русија во понеделник ќе се фокусира на постигнување прекин на огнот, повлекување на војниците и безбедносни гаранции за Украина”, изјави еден од украинските преговарачи Михаило Подољак, пренесоа британските медиуми.

Претставниците на Киев за време на денешните разговори со московската делегација мора да вложат максимални напори да организираат средба меѓу лидерите на Украина и Русија, изјави украинскиот претседател Зеленски.

„Претставниците на делегациите на нашите земји секојдневно комуницираат во видеоформат. Нашата делегација има јасна задача: да направи сѐ што е можно за да одржи состанок на претседателите, состанок, кој сигурен сум дека луѓето го чекаат. Разбравме дека ова е тежок, но неопходен пат. И нашата цел во оваа борба, во оваа тешка преговарачка работа, е Украина да го добие потребниот резултат, кој е неопходен за нас, за мир, за безбедност“, рече тој.

Портпаролот на рускиот претседател, Дмитриј Песков, изјави за ТАСС дека дијалогот меѓу претставниците на Москва и Киев ќе продолжи денеска преку видеоврска. Подоцна, еден од членовите на украинската делегација лидерот на парламентарната фракција на владејачката партија Слуга на народот, Давид Арахамија, најави дека разговорите ќе почнат во 10.30 часот, без да ја прецизира временската зона.

На 10 март рускиот министер за надворешни работи, Сергеј Лавров, се состана со својот украински колега Дмитриј Кулеба во турскиот град Анталија. Шефот на руската дипломатија по средбата изјави дека рускиот претседател Владимир Путин никогаш не се откажал од контактите, но тие не треба да бидат само цел, туку начин за постигнување конкретни договори.