Утрешниот натпревар со Холандија е последен за Пандев во репрезентативниот дрес


Александар Вучковски - сомелиер: Како македонските вина го освојуваат светот? ↓↓↓


Капитенот на македонската фудбалска репрезентација Горан Пандев денеска попладне, на прес-конференција, официјално објави дека става крај на репрезентативната кариера по утрешниот натпревар против Холандија на Европското првенство.

– Да, ова е мој последен натпревар во дресот на Македонија. Ова е крај на мојата кариера во репрезентативниот дрес. Мислам дека оваа генерација го направи најголемиот успех во историјата на македонскиот репрезентативен фудбал, и сметам дека е вистински момент да се збогувам од националниот дрес, изјави Пандев попладнево на официјалната прес-конференција во Амстердам.

– На моите соиграчи им посакувам да се пласираат на Светското првенство. Верувам дека можат да го остварат тоа, бидејќи станува збор за фантастични играчи, посочи Пандев.

Натпреварот против Холандија, утре со почеток од 18 часот, ќе биде 122. за 37-годишниот Пандев од неговото деби во националниот дрес во 2001 година во мундијалските квалификации против Турција.

Пандев ќе се збогува со националниот дрес како фудбалер со најмногу настапи и најдобар стрелец со во историјата на македонскиот репрезентативен фудбал со 37 голови, вклучувајќи го и историскиот прв на Европските првенства, што го постигна против Австрија на 13 јуни во рамки на првото коло од групата Ц на ЕУРО2020.

– Среќен сум што сум дел од овој тим, кој направи историја. Едвај чекаме да започне утрешниот натпревар и да дојдеме до позитивен резултат, порача Пандев пред утрешниот последен натпревар на нашата репрезентација на ЕУРО2020 против Холандија.