Утре слават 60-ти роденден: Што сè знаете за славните Штрумфови?


Александар Вучковски - сомелиер: Како македонските вина го освојуваат светот? ↓↓↓


Со малите, сини, добродушни суштества кои живеат длабоко во шумата, и нивните авантури пораснаа голем број генерации кои имаа среќа редовно да ги гледаат на малите екрани.

Тешко е да се поверува, но славните Штрумфови утре го слават нивното 60-годишни постоење. Веселите мали сини џуџиња прв пат се појавија на 23 октомври, 1958 година, како споредни ликови во стрипот „Johan et Pirlouit“.

Нивниот творец, белгискиот цртач Пјер Калифорд, познат под уметничкото име Пејо (Peyo), после тоа одлучи да им даде главна улога и сопствени возбудливи авантури. Денес ги знае речиси секое дете, и тоа не само во Европа, туку и многу пошироко.

„Во секој случај, говориме за глобализација“, вели за агенцијата DPA Вероник Калифорд, ќерка на Пејо.

После смртта на нејзиниот татко во 1992 година, таа, заедно со нејзината мајка и братот, ја продолжија неговата работа. Благодарение на тоа, Штрумфовите, освен во Европа, се популарни и во Кина, Индија, Русија и Латинска Америка. Индустријата поврзана со Штрумфовите годишно прави заработка поголема од една милијарда евра.

Пресвртницата во нивната популарност стигна во 1975 година, со филмот „Штрумфовите и волшебната флејта“. Во ’80-те години од минатиот век, тоа беше надоградено со ТВ серија од 270 епизоди која освои многу Emmy награди.

Во светот предизвикаа вистинска штрумфоманија и немаше детска соба која не беше закитена со некој сувенир поврзан со „сините жители на шумата“.

Штрумфовите за својот успех можат да се заблагодарат на страста од нивниот автор. Пејо животот го посвети на цртање на тие симпатични суштества. Вероник Калифорд денес вели дека нејзиниот татко од своето детство најмногу го памти на масата за цртање. „Беше опсесивен, сакаше да има контрола над целиот процес“, објаснува Вероник.

До смртта постојано работел нови цртежи, смислувал сцени и сценарија. Наводно, од неговите помошници барал да легнуваат на земја покрај шумата кај Брисел со цел да го видат светот од штрумфска перспектива.

И денес, како некогаш, стриповите прво се скицирале на хартија. Дури потоа цртачите ги усовршувале ликовите со помош на компјутерски програми. Работат во мала канцеларија лоцирана јужно од Брисел, и се трудат да ги цртаат Штрумфовите што е можно послично на оригиналите од Пејо.

Вероник тврди дека на нејзиниот татко најдраг му бил ликот на Schtroumpf Farceur (Шегуваџијата), кој на другите им даваше подароци кои експлодираа. Омилена на Вероник, нормално, била Штрумфета, изворно единственото женско Штрумфче меѓу мнозинството машки.

Уште една причина за нивната долговечност е прилагоденоста на модерните времиња (дигитализација, „блуреј“ снимки и слично). Денес Штрумфовите се достапни насекаде, во секое време.