Утре почнува исплатата на мартовските пензии – повисоки за 1.000 денари


Александар Вучковски - сомелиер: Како македонските вина го освојуваат светот? ↓↓↓


Од утре започнува исплатата на пензии за месец март со илјадарка плус на пензионерските сметки, како дел од владините мерки за заштита на животниот стандард.

Финансиската помош ќе се исплаќа и во наредните два месеци, односно заедно и со мајските и јунските пензии.

Исплатата во експозитурите на банките ќе се реализира во четири групи, според висината на пензијата, од утре до крајот на неделата, информираа од министерството за труд.

Од владејачката СДСМ велат дека овие владини мерки се во насока за заштита на животниот стандард на граѓаните и уверуваат дека пензискиот фонд е стабилен.

„Овие 1.000 денари пензионерите можат да ги искористат за купување основни намирници или плаќање сметки, а оваа финансиска помош ќе трае во следните два месеци. Благодарение на одговорните политики на СДСМ денес пензискиот фонд е стабилен, пензиите растат и се исплаќаат навремено. За четири и пол години просечната пензија е зголемена за над 2.000 денари.“ изјави Лидија Тасевска, пратеник од СДСМ

Дел од пензионерите кои ги анкетиравме пак, велат дека во време на криза секоја помош е добродојдена, но сметаат дека е потребно и повеќе.

Од септември најстарата категорија граѓани ќе добива пензија по нова методологија која Владата ја договори со здруженијата. Па така, растот на пензиите ќе се пресметува според растот на трошоците за живот и просечната плата, два пати во годината. Очекувањата се со новата формула – просечната пензија од 16 илјади да изнесува 17 300 денари. Пресметките на Владата покажуваат дека годинава во просек по 12 илјади денари плус на своите сметки ќе добијат пензионерите.

Во моментов најниската пензија изнесува нешто повеќе од 10 илјади денари, а во земјава има близу 330 илјади пензионери.