Утре почнува грејната сезона, 200 семејства ќе останат без греење на стартот


Кој ќе тепа на Ел Класико!? ↓↓↓


Од утре и официјално треба да стартува грејната сезона. Иако радијаторите по правило секоја година се затоплуваат на 15 октомври, поради ниски температури сезоната може да почне и порано. Прописите дозволуваат пред дадениот термин да се пушти греење, но не пред 1 октомври, доколку прогнозираната средна надворешна температура за наредниот ден е помала или еднаква на 12 степени. Притоа се користат податоците од УХМР.

Сепак, во околу 200 објекти уште не се обезбедени бараните услови, поточно има дефекти во внатрешната инсталација, оневозможен е пристап на екипите до топлинските станици или нема електрична енергија во потстаниците. Станарите можат да проверат на интернет страницата на БЕГ, дали и зошто нивната зграда утре ќе нема парно греење. Исклучените згради и причините за исклучување се наведени по адреса, односно доволно е впишување на улицата и бројот на објектот.

„За да може грејната сезона насекаде да стартува навремено, потребно е потрошувачите да ги завршат интервенциите кај внатрешната инсталација и истото веднаш да го пријават во Снабдување со топлина Балкан Енерџи. Истовремено, заедниците на станари или управителите на зградите треба да овозможат непречен пристап на службените лица до топлинската станица, како и да обезбедат постојано напојување на топлинската станица со електрична енергија (платени сметки за електрична енергија за топлинската станица и функционална електрична инсталација“ – велат од БЕГ.

Не само корисниците на БЕГ, туку утре парно греење треба да имаат и приклучените на ЕЛЕМ Енергетика која ги снабдува населбите Железара, Автокоманда, Триангла, Маџари и Хиподром.

„Парно греење ќе добијат 3.546 домаќинства, 17 воспитно-образовни институции (основни и средни училишта и детски градинки) и 75 деловни субјекти“, велат од ЕЛЕМ Енергетика.

Инаку, оваа сезона поевтини парното греење во Скопје. На крајот на јули Регулаторната комисија за енергетика донесе одлука за намалување на цените за 47 илјади домаќинствата плус 700 новоприклучени оваа сезона на мрежата на Балкан енерџи груп за 3,88 отсто. Топланата Скопје север има намалување на цените во просек за 1,69 отсто, а ЕЛЕМ енергетика за 0,10 отсто.

Сепак, и покрај пониските цени, досегашната пракса покажува дека поради раниот старт и доцниот финиш на грејната сезона лани, многу домаќинства добија повисоки сметки за порамнување што значи дека плаќале отприлика иста вкупна сума годишно за греење на своите домови.