Утре на лидерската средба кај Пендаровски ќе се одлучи дали ќе се одложат изборите


Диск голф го освојува светот, а го нема во Македонија!? ↓↓↓


На лидерската средба меѓу челниците на најголемите политички партии во Македонија, која е закажана утре кај претседателот Стево Пендаровски, ќе се разговара за одложување на предвремените парламентарни избори кои се закажани за април.

„Утре во Вила Водно ќе бидам домаќин на лидерската средба на парламентарните партии во земјава, СДСМ, ВМРО-ДПМНЕ, ДУИ, ДПА, Беса, Алтернатива и Алијанса за Албанците. Ја свикав лидерската средба со една точка од дневниот ред; можноста за одложување на предвремените парламентарни избори од 12 април 2020 година, датум договорен од партиските лидери на состанокот во октомври 2019 година по Европскиот совет“, напиша Пендаровски.

Претседателот на СДСМ, Зоран Заев, побара сите државни ресурси да се насочат кон заштита на здравјето на граѓаните.

Евентуалното одржување на изборите, според лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, би довело до поголемо ширење на вирусот.

Преку соопштение, ДУИ потврди дека го поддржува одложувањето на изборите.

„Изборите и кампањата се последното прашање на нашата агенда и приоритети затоа што сите наши човечки, интелектуални и институционални капацитети ги ставивме во услуга на нашата заедничка борба против вирусот. Сега, потребна ни е победа над вирусот, а не победа на избори”, велат од ДУИ.

Лидерите сè уште немаат нов датум за претстојните избори. За да се одложат веќе распишаните избори на 12 април ќе биде потребно повторно свикување на Собранието и таму да се укине решението за распишување на изборите. Во меѓувреме, дури и за самите партии не е јасно што ќе се случува со техничката влада.

Сите овие детали се очекува да бидат на маса на утрешната лидерска средба кај Пендаровски. Додека не се излезе со друго решение, ДИК и понатаму продолжува со законските процедури за организирање на изборите. Рокот за верификација на кандидатските листи истекува утре.