Усвоен конечниот текст на предлог-амандманите за промена на уставното име


Кој ќе тепа на Ел Класико!? ↓↓↓


Владата на Република Македонија го усвои финалниот текст на предлог-амандманите XXXIII, XXXIV, XXXV и XXXVI на Уставот на Република Македонија и го достави до Собранието на Република Македонија.

Амандманите се составен дел на Уставот и влегуваат во сила со влегување во сила на Конечната спогодба за решавање на разликите опишани во резолуциите 817 (1993) и 845 (1993) на Советот за безбедност на Обединетите nации, за престанување на важноста на Привремената спогодба од 1995 г., и за воспоставување на стратешко партнерство меѓу страните и ратификацијата на Протоколот за пристапување во НАТО од Првата страна на Конечната спогодба.

Амандманот XXXIII гласи:
Во Уставот зборовите „Република Македонија“ се заменуваат со зборовите „Република Северна Македонија“, а зборот „Македонија“ се заменува со зборовите „Северна Македонија“, освен во член 36 од Уставот на Република Македонија.

Со амандманот XXXIV се вршат измени во Преамбулата – амандман 4 на Уставот на Република Македонија и тој гласи:
Во Преамбулата на Уставот на Република Македонија се бришат зборовите „кои живеат во нејзините граници“, „одлуките на АСНОМ“ се заменуваат со зборовите „правните одлуки кои се наведени во Прогласот од Првото заседание на АСНОМ до македонскиот народ за одржаното заседание на АСНОМ“, по зборот „година“ се додаваат зборовите „на кои се изрази волјата за создавање на самостојна суверена држава и Охридскиот рамковен договор“, а се бришат зборовите „одлучија да“.

Со текстот на амандманот XXXV, „Републиката го почитува суверенитетот, територијалниот интегритет и политичката независност на соседните држави“, се дополнува членот 3 од Уставот на Република Македонија.

Како резултат на јавната расправа, измени има и во текстот на aмандманот XXXVI кој сега гласи:
Републиката ги штити, гарантира и негува особеностите, историското и културното наследство на македонскиот народ;

Републиката ги штити правата и интересите на своите државјани кои живеат или престојуваат во странство;

Републиката се грижи за дијаспората на македонскиот народ и на другите заедници и ги негува и унапредува врските со татковината;

Републиката притоа нема да се меша во суверените права на други држави и во нивните внатрешни работи.

Финалниот текст на предлог амандманите XXXIII, XXXIV, XXXV и XXXVI на Уставот на Република Македонија, како и образложението за истите се достапни на следниот линк: https://vlada.mk/mkgrdogovor