Условни казни затвор за обвинетите кои признаа вина за инцидентот од протестите пред Собранието


Игор Насковски: Како да станеш трагач на тартуфи и да заработуваш 5.700€ за 1кг! ↓↓↓


Седумте лица обвинети за инцидентите пред Собранието за време на протестите против францускиот предлог, на 5 јули, денеска добија условни казни откако признаа вина пред Кривичниот суд во Скопје. На еден обвинет, кој не призна вина, дека искршил полициско возило, ќе му се суди во посебна постапка.

На седумте лица кои ја признаа вина судот им изрече условни двегодишни затворски казни, кои нема да се извршат ако во следните четири години не сторат кривично дело. Тие се обвинети за учество во толпа и за фрлање со бекатон плочки и со камења кон Собранието и полицајците. Собранието пријави штета од околу 9.200 евра, која ќе треба да ја платат осудените.

„Обвинетите се огласуваат за виновни за кривично дело, учество во толпа. На сите судот им одредува казна затвор од две години која нема да се изврши ако во следните четири години не сторат ново кривично дело“, потенцираше судијата Славица Андреевска.

Обвинетите се на возраст од 18 до 36 години, тројца од нив се уште седат во средношколските клупи. Сите признаа вина, тврдеа дека никогаш повеќе нема да ја повторат грешката. Каењето и ветувањата, освен судот, ги слушаа и нивните родители.

Иван Јосифовски: „Не ми паѓа на памет да повторам вакво нешто“- Виктор Стојков: „Моето каење е големо, исто како и мојата грижа на совест за стореното“- Штефан Шуман: „Не бев свесен за тоа што го правам и последиците од тоа“… беа дел од изјавите кои ги дадоа младите момчиња во судницата.

Нивните адвокати се задоволни од пресудата. Велат, казните ќе бидат поука за сите кои ќе предизвикаат нереди за време на идните протести.

Инцидентите пред Собранието се случија за време на протестот на 5 јули против францускиот предлог, кога ситуацијата ескалираше кога демонстрантите почнаа да фрлаат со бекатон плочки, шишиња и други предмети кон полицијата, но и кон собраниската зграда. Од полицијата информираа дека беа оштетени полициски возила, демолирани биле двете полициски куќарки пред зградата на Собранието, искршени се и прозорци, ролетни, а беа откорнати и бекатон плочки од патеката пред парламентот. Десетици полицајци се пожалија на повреди за време на протестите.