Уште една доживотна казна затвор за обвинет во случајот „Диво насеље“


Кој ќе тепа на Ел Класико!? ↓↓↓


Доживотна робија заработи обвинетиот Сулејман Османи, жител на Брест, за настаните во кумановската Дива населба. Пресудата ја дочека со аплауз. Една година беше недостапен за полицијата, па против него се водеше посебна постапка. Вчера Кривичен изрече седум доживотни, 13 казни затвор од 40 години и други пониски казни на обвинетите за тероризам во „Диво насеље“. Четворица беа ослободени.

Уште една доживотна казна Кривичниот суд му изрече на Сулејман Османи од селото Брест, поради учество во вооружениот напад во Гошинце. Му се судеше во одвоена постапка откако по една година мината на Косово беше екстрадиран во земјава.

Според судот, доказите потврдиле дека обвинетиот ги сторил кривичните дела тероризам и терористичка организација. Судијата посочи дека јавноста ќе ги дознае доказите што произлегуваат од посебните истражни мерки, кои досега се чуваа во тајност, а со кои ќе бидат отргнати сите шпекулации за овој случај.

Османи при изрекувањето на пресудата аплаудираше во судската сала и извикуваше „да живее УЧК“. Неговиот адвокат смета дека немало докази за делото тероризам.

„Нема никакви докази дека обвинетиот извршил кривични дела тероризам и терористичка организација. Не може да стане збор за тие кривични дела, ниту за вооружен бунт“, изјави адвокатот Насер Рауфи.

Претходно, судот на седуммина им изрече доживотен затвор, 13 обвинети добија по 40 години, други беа осудени со затворски казни од 12 до 20 години, а четворица беа ослободени од обвинението.

Ресорниот министер Саљији при приемот на извештајот за Академијата за обука на судии и јавни обвинители од францускиот амбасадор во земјава Тимоние, одговорајќи на новинарско прашање, рече дека програмска определба на владата за сите случаи за кои постои сомнеж дека не се докрај расветлени е да вклучи меѓународни експерти.

Амбасадорот Тимоние, пак, посочи дека не се исклучува ревизија на одредени случаи, но откако ќе се завршат постапките во домашните судови.

Со денешната пресуда, вкупно осум обвинети добија доживотни затворски казни за настаните од 9-ти и 10-ти мај 2015-та година во Куманово.

Извор: МТВ