Уште 5 лица кои беа осудени за учество во толпа за 27 април се амнестирани


Диск голф го освојува светот, а го нема во Македонија!? ↓↓↓


Уште пет лица добија амнестија за настаните од 27 април 2017 година во Собранието, соопшти Кривичниот суд.

Станува збор за петмина кои беа осудени за учество во толпа, кои првично добија условна казна, а потоа пресудата беше преиначена со затворска.

Покрај денешните амнестирани, уште петмина други осудени за ова дело пред Нова Година добија амнестија.

Со денешните пет решенија, Кривичниот суд се произнесе за сите 66 барања кои стигнаа во двата оддели, 37 во Одделот за кривично полнолетни и 29 во Одделот за организиран криминал. Прифатени се вкупно 25 амнестии, а одбиени 41.

Покрај 10-те амнестирани за учество во толпа, амнестија добија 15 обвинети од вкупно 33 кои се дел од актуелниот судски процес за терористичко загрозување на уставниот поредок и безбедноста.

Амнестирани од овој случај се: Љубен Арнаудов, Сашо Василевски, Крсто Мукоски, Љупчо Димовски, Јохан Тарчуловски, Борис Дамовски, Богдан Илиевски-Бетмен, Владо Јовановски, Стефан Младеновски, Михаил Младеновски, Захарие Симовски, Елена Доцевска-Божиновска, Иван Цветановски, Илија Славески и Митре Питроповски.

Воопшто не побараа амнестија пет лица: Митко Чавков, Душко Лазаров, Игор Дурловски, Јане Ченто, Игор Југ.

Извор: НоваТВ