Диск голф го освојува светот, а го нема во Македонија!? ↓↓↓
Претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен денеска го имаше своето официјално обраќање пред македонскиот парламент.
Еве го нејзиниот целосен говор со кој таа им се обрати на македонските пратеници во законодавниот дом.
Сакам да бидам денес овде за да ви се обратам директно за од мене да слушнете како Европа ве чека. Чекајќи и надевајќи е дека ќе направите уште еден чекор. Вашата држава е кандидат да стане членка на ЕУ од 2005 година. Многу од вас овде и многу други кои се отсутни работевте напорно за да станете членка на ЕУ. И само четири години подоцна во 2009 година Европската комисија препорача да ги отвориме пристапните преговори со вас. Оттогаш постојано сме покрај вас. И сега конечно би можеле да бидеме на прагот на еден одлучувачки чекор напред. Овде сум денес затоа што верувам дека ова е момент да продолжите напред кон нашата заедничка иднина во ЕУ со Северна Македонија како рамноправна членка. Повторно покажавте смелост, покажавте и решителност, договорот од Преспа беше пример за храброст: две земји кои се согласија да одат напред и заедно да ги испишат идните поглавја од нивните истории. Ова ви го отвори патот кон членството во НАТО. И по повеќе од две години членство во НАТО, Северна Македонија покажа дека е партнер од доверба која дава вистинска додадена вредност за Алијансата. И јас знам дека истото ќе се случи кога вие ќе станете членка на ЕУ. Го знам ова затоа што веќе покажавте еден витален капацитет да го промените вашето општество кон подобро. Вашите напори за зајакнување на владеењето на правото во борбата против корупцијата се за пофалба. Воспоставивте силно досие за човековите права, имате енергично граѓанско општество, вие сте еден успешен модел за мултиетничко општество ковано во историскиот Охридски рамковен договор. Го избравте патот на мирот наместо конфликт. А тоа беше патот на мирот што го покажа покојниот Борис Трајковски. Тој кажа дека сака да биде претседател на сите граѓани, без разлика на нивната етничка, партиска или верска припадност. Тој додаде дека нема да дозволи етничка омраза да ја поткопа стабилноста на државата.
Многумина од вас почитувани пратеници ќе бидат разбирливо фрустрирани што вашата држава не ги почната пристапните преговори. И да ви кажам: И јас сум! Комисијата препорачува отворање на преговорите во последните 13 години. И се разбира дека ќе бидете фрустрирани што отворањето на преговорите со ЕУ не се случи веднаш по Договорот од Преспа. Ова беше горчливо. Но никогаш не се откажавте. И ние заедно сите никогаш не се откажавме. Заедно го следевме нашиот сон за една ЕУ. И заедно ќе го претвориме овој сон во реалност. Сега сите мора да го свртиме погледот напред. Мора да ја искористиме можноста која се наоѓа пред нас. Да ги започнеме пристапните преговори и да работиме сите заедно на патот што ве води кон ЕУ. Тоа може да го направиме веќе следната недела со преземање на првиот чекор од ревидираниот француски предлог. Сите сте свесни и запознаени со овој ревидиран предлог. Тој ги штити вашите интереси и ги зема предвид грижите на сите страни. Бидете уверени дека ЕК секогаш била покрај оваа држава, на ваша страна и ќе продолжи да го прави тоа, да биде таму со вас и утре и задутре и во сите денови што доаѓаат. Убедени сме дека ова е од историско значење. Но одлуката е ваша и само ваша. На крајот на краиштата станува збор за патот кој што вие го избравте. Како што го избравте и претходно со Охридскиот рамковен договор, со Преспанскиот договор, со градењето на вашата енергична демократија. Доколку одлучите да го одобрите ревидираниот француски предлог, во следните неколку дена ќе се одржи политичка меѓувладина конференција, само во наредните неколку денови. Ние како Европска комисија тогаш веднаш ќе почнеме со процесот на проверка или скрининг на европското право. Ова е првиот чекор во преговарачкиот процес. Тогаш ќе ни биде драго да го пречекаме вашиот преговарачки тим во Брисел и да воспоставиме наш преговарачки тим во вашиот главен град и да почнеме да работиме заедно. Како и во секоја демократија го слушаме другиот, ги слушаме аргументите кои што ги имате, го слушате вие мојот аргумент.
Почитувани Македонци, внимателно ве слушав, ја слушав загриженоста во однос на македонскиот јазик и идентитетот. Нема сомнеж дека македонскиот јазик е ваш јазик. Ќе го повторам тоа: Нема сомнеж дека македонскиот јазик е ваш јазик, и ние целосно го почитуваме тоа. Затоа во ревидираниот предлог стои македонски јазик, без квалификации од ЕУ.
Имате успешно мултиетничко општество и тоа го отсликува мотото на ЕУ „Обединети во различноста. Покажавте посветеност на владеењето на правото, заштита на човековите права и правата на сите заедници. Измената на вашиот Устав за унапредување на основните човекови права ќе ја зајакне вашата посветеност на овие вредности. И тогаш тоа автоматски ќе ја заврши почетната фаза во преговорите. Тоа подразбира друга меѓувладина конференција без дополнителна одлука.
Добрососедските односи и регионалната соработка се дел од ДНК на европската интеграција. Ова се исто така суштински елементи во процесот на проширување.
Дозволете да ве уверам уште еднаш дека билатералните прашања како што е толкувањето на историјата не се услов во пристапните преговори.
Некои велат дека би било подобро да се чека подобар Договор од оној што го претстави Франција. Секако дека е ваше право да го направите тоа, но размислете колку упорно се обидувавме до овде. Ве охрабрувам да ја искористите оваа можност. Со отворањето на оваа врата сега Северна Македонија се зајакнува себеси со тоа што е во преговарачкиот процес наместо надвор. Придобивките ќе се зголемуваат како што напредувате: инвестиции, подобрени трговски врски, подобра соработка, нови добри работни места, можности за бизнис. Ова е тоа што го сака младата генерација. Тие ја сакаат својата држава, тие сакаат тука да ја градат својата иднина и со право. Овие млади се подготвени да работат посветено на тоа но ние имаме можност да ја отвориме следната важна врата за нив. Јас имам деца, имам внука, многумина од вас имаат деца и внуци, и сите заедно сакаме едно нешто и споделуваме еден сон: Еден ден да погледнеме наназад и да кажеме: сите наши деца и наши внуци, сите тие се дел од исто европско семејство. Ова го сакаме, ова е иднината за која одлучувате овде, тука, денес, и во деновите кои што се пред вас.
Живееме во многу тешки времиња. Пандемијата со кови-19 трае веќе трета година, нејзините катастрофални ефекти продолжија да влијаат врз животот и врз егзистенцијата на луѓето, руската брутална војна во Украина предизвикаа катастрофална хуманитарна и глобална криза со храна. Цените на енергијата вртоглаво растат. Дополнително мора да се бориме и со влошената климатска криза. Ова се застрашувачки предизвици со кои мора да се соочиме. Но ќе ги совладаме и можеме да ги совладаме само заедно, како силни демократии како една Унија. Вашата држава и дорасна на задачата. Стоите цврсто со Унијата. Вие сте вистински партнер од доверба. Ви благодарам за таа доверба од дното на мојата душа. Ја докажавте својата посветеност во вредностите на ЕУ, заслужувате да се движите напред на патот кон членство. Одлучувачкиот чекор напред сега е на вас да го направите.
Би сакала да завршам со уште еден цитат од покојниот Борис Трајковски: „Секојдневно размислувам за две работи, што е правилно а што е погрешно да се направи. Според мојата совест се трудам да се придржувам до вистинската работа, мојата визија е мир, мојата визија е просперитет“.
Искрено се надевам дека и вие ќе го направите истото. Направете ја вистинската работа за мирот и просперитетот на Северна Македонија која наскоро ќе стане членка на ЕУ. Иднината на вашата земја е во ЕУ. А Европа не е целосна без Северна Македонија.
Фото: К. Попов