Управен суд одлучи: МВР да издаде нов матичен број при промена на полот


Диск голф го освојува светот, а го нема во Македонија!? ↓↓↓


Управата за водење на матичните книги треба да го поништи матичниот број, а МВР да му издаде нов на лицето што претходно го променило полот, вакво решение донел Управниот суд, информираат од Здружението на младите правници. Оттаму велат дека првпат е донесено вакво решение од страна на Управниот суд, со кое правно се утврдува промената на полот во матичната евиденција.

„По промената на податоци во матичната евиденција, Управниот суд го задолжи Министерството за внатрешни работи на РМ во рок од три дена да издаде нов матичен број, кој е соодветен на извршената промена. Ова е прво решение на Управниот суд на РМ каде што со полна јурисдикција е одлучено за правото за промена на податоците во матичната евиденција според фактички извршената промена на полот кај трансродово лице“, се вели во соопштението од Здружението.

Оттаму велат дека постапката за промена на полот во матичната евиденција на трансродово лице е подржана во рамките на проектот „Заштита на човековите права на маргинализираните групи во РМ“ спроведуван од страна на македонското Здружение на младите правници. Постапката пред Управниот суд ја водел адвокат Жарко Хаџи Зафиров како дел од тимот на адвокати на МЗМП.

Користејќи го стратешкото застапување пред надлежните судови и други државни органи, МЗМП продолжува да се залага за ефективна заштита на човековите права преку создавање позитивна пракса која води кон општествени промени, велат од Здружението на младите правници.