Управен суд ги донесе одлуките за тужбите од партиите


Кој ќе тепа на Ел Класико!? ↓↓↓


Управниот суд ја уважи тужбата поднесена од СДСМ за избирачкото место бр.2011 во општина Теарце и таму гласањето ќе биде повторено. Одлуката попладнево ја објави Судот на својата интернет страна и соопшти дека е донесена со мнозинство гласови.

Оваа одлука на Управниот суд е спротивна на одлуката на Државната изборна комисија, која пред два дена одлучи дека жалбата на СДСМ за нерегуларности на тоа избирачко место е неоснована.

Во образложенито на одлуката на Управниот суд пишува дека тужбата е основана.

„Од увидот во списите по предметот и прибавениот целокупен доверлив изборен материјал, Судот утврди дека недостасува образец 15, дека гласачкото ливче со сериски број 1534020 било откинато со  перфорираниот дел од кочанот, и дека избирачкиот одбор за оваа состојба ја известил Општинската изборна комисија, која дошла на избирачко место 2011,  за овој настан не бил составен записник но бил евидентиран во Дневникот за евиденција на настани, поради што оцени дека се направени суштествени повреди на Изборниот законик. Само постапка спроведена по строгите изборни правила, гарантира законит изборен процес, па во таа смисла недозволиво е во доверливиот изборен материјал да недостастасува записник, кој претставува доказ од кој единствено може да се утврди во каква состојба бил изборниот материјал, пред почетокот на гласањето на избирачкото место 2011“, пишува во одлуката на Управниот суд.

Судот уште додава дека ДИК направил неправилности при постапување по жалбата на СДСМ, односно дека приговотот на СДСМ го одбила со 4 гласа „за“ и 4 „против“, а членот Субхи Јакупи пред почетокот на гласањето ја напуштил просторијата и воопшто не гласал.

„Судот наоѓа дека од формално правен карактер не постои законска претпоставка за донесување на предметната одлука, ова од причини што  деветиот член на ДИК – Субхи Јакупи, и покрај неговото учество во материјалната расправа по предметниот приговор, не може да се смета како воздржан глас бидејќи ја напуштил просторијата пред почетокот на гласањето, со изговор „се изземам од гласањето, што е спротивно на Изборниот законик“, пишува Управниот суд.

Според приговорот на СДСМ, се работи за наводно изнесено гласачко ливче со кое бил спроведен т.н. „бугарски воз“.На почетокот на гласањето недостигало гласачко ливче со сериски број, а по пребројувањето тоа ливче е најдено во кутијата.

Членовите на избирачкиот одбор и на општинската изборна комисија два пати беа носени пред членовите на ДИК.

Управниот суд ги одби тужбите на Социјалдемократскиот сојуз за избирачките места  2025 во Теарце и избирачко место 1978 во Тетово.  Предходно беше одбиена и тужбата за избирачкото место 2010, исто така во Теарце. Управниот суд прифати една тужба на ВМРО-ДПМНЕ.

Управниот суд ја уважи тужбата на коалицијата предводена од ВМРО-ДПМНЕ и со тоа е донесена конечна одлука дека нема да има прегласување во Гостивар. Оваа одлука на судот, која вечерва ја објави на својата интернет страна, е спротивна на одлуката на Државната изборна комисија која на седница минатата недела донесе заклучок дека гласањето на едно избирачкото место во Гостивар било незаконско.

Имено, приговорот по кој постапуваа членовите на ДИК, беше поднесен од БЕСА и се однесуваше на спорното гласање во избирачкото место 0396/1. Се работи за процесот на гласање на Фатиме Сулејмани, која кога дошла на изборното место сфатила дека некој веќе го искористил нејзиното право на глас. Во ДИК беа повикани на сослушување претседателот и членовите на изборната комисија, како и самата Сулејмани, по што беше донесена одлука да се изврши графолошко вештачење на потписот. Графологот утврди дека нејзиниот потпис бил фалисфикуван.

Одлуката на ДИК да се прифати приговорот на БЕСА, беше донесена со 6 гласа за и 3 против, со што членовите на комисијата донесоа одлука да се поништи гласањето во тоа избирачко место.

Но, Управниот суд ја поништи одлуката на ДИК не навлегувајќи во избирачкиот процес, туку бидејќи приговорот на БЕСА немал потпис од подносителот.

„Поради што Државната Изборна Комисија погрешно го применила материјалното право, постапувајќи по приговорот, без потпис“, пишува во одлуката на Управниот суд објавена попладнево.