Александар Вучковски - сомелиер: Како македонските вина го освојуваат светот? ↓↓↓
Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ денес ја одбележува 70-годишнината од своето формирање и постоење.
УКИМ е универзитетот што ги прибира најголемиот број македонски студенти. Според последниот извештај на Државниот завод за статистика, во студиската 2017/2018 година тука се запишале 26.024 студенти, од кои 6. 444 во прва година. Вкупниот број на студенти во Македонија изнесува 56.941, што значи дека половината од студентите учат на УКИМ.
На националното (домашното) шангајско рангирање УКИМ е секогаш на прво место, но никако да се избори за место меѓу првите 500 или 1.000 на Шангајската листа. Експертите велат дека како држава прво треба да решиме дека сакаме да нè има на оваа листа и секако да одвоиме пари.
Честите промени на Законот за високото образование негативно се одразија општо на оваа сфера, но и на развојот на УКИМ. Последните измени, односно новиот Закон е донесен во март минатата година, но тој сѐ уште не може да профункционира бидејќи статутите на универзитетите сѐ уште не поминаа во Собрание. Таму се речиси една година, а со тоа се кочи работата на факултетите.
УКИМ е старец и по годините, но стар е и кога е во прашање подмладокот. На некои факултети немало вработување цела деценија. Токму на недостигот на кадар се жали и ректорот Никола Јанкуловски во последниот Извештај за работата на Универзитетот за периодот 16 септември 2017 – 30 септември 2018 година, кој е доставен во Собранието.
„Универзитетот, и во овој извештаен период, постојано го актуализираше прашањето за вработување нов соработнички, наставно-научен, административен и друг вид кадар. До Министерството за образование и наука беа проследени барања за добивање согласности за вработување на вкупно 443 лица, од кои: 75 барања за наставен кадар, 289 барања за соработнички кадар, 46 барања за административен и 33 барања за помошно-технички кадар. Во извештајниот период беа добиени вкупно 23 согласности, и тоа: 8 за наставен, 12 за соработнички и 3 согласности за помошно-технички кадар. Со оглед на недостигот на наставно-научен и административен кадар, Универзитетот и понатаму ќе продолжи со проследување на барањата на единиците до надлежните институции за добивање согласности за нови вработувања, со цел подобрување на кадровската структура на Универзитетот, што е во насока на поквалитетно извршување на високообразовната и научноистражувачката дејност“, пишува во извештајот.