Униформирани полицајци и специјалци го обезбедуваат гробот на Гоце Делчев


Александар Вучковски - сомелиер: Како македонските вина го освојуваат светот? ↓↓↓


Вечното почивалиште на македонскиот револуционерен деец Гоце Делчев во дворот на црквата „Свети Спас“ во Скопје во овој момент го обезбедуваат специјалци, полицајци во униформи и во цивилна облека веќе два дена се распоредени околу храмот и будно го чуваат просторот од евентуални бугарско-македонски инциденти по повод 151-годишнината од раѓањето на револуционерот.

Полициските службеници проверуваат кој паркира и кој влегува во црквата каде што се наоѓаат моштите и споменикот на македонскиот револуционер. Иако има уште цели три дена до 4 февруари, денот кога се одбележува раѓањето на Делчев, полицијата од понеделникот е распоредена пред црквата „Свети Спас“ за да се избегне било каква провокација или иницидент.

Министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски синоќа ги повика граѓаните да не потпаѓаат на повиците на Александар Пандов од ВМРО-ДПМНЕ за поставување „херојска стража“ која ќе го чува гробот на македонскиот револуционер, потенцирајќи дека тоа е стриктно работа на полицијата и никому нема да му биде дозволено да биде над државата.

На чествувањето на 151-годишнината од раѓањето на Делчев ќе присуствува целиот државен врв со претседателот Стево Пендаровски и премиерот Димитар Ковачевски, а досега не се најавени официјални гости од државниот врв на Бугарија.

Најавени се бугарски граѓани кои ги организира фондацијата „Македонија“ на чело со радикалот Виктор Стојанов, кој, пак, вчера извести дека македонската полиција ќе ги чека на граница и ќе ги обезбедува за време на нивниот краток престој во Македонија.