УНЕСКО оваа година ќе го стави Охридскиот регион на листа на загрозени подрачја


Игор Насковски: Како да станеш трагач на тартуфи и да заработуваш 5.700€ за 1кг! ↓↓↓


Охрид и Охридското езеро во јули оваа година веројатно ќе се најдат на листата на загрозени подрачја под заштита на УНЕСКО. Во најновиот извештај по мониторинг мисија на оваа светска организација од јануари минатата година на регионот, се нотирани бројни забелешки за нереализацијата и застој во реализацијата на претходните забелешки кои УНЕСКО, на адреса на македонските локални и централни власти ги упати уште во 2017 година, по посетата на Охрид.

„Според тоа, мисијата заклучува дека акциите побарани од 2017 година не се завршени за да се решат заканите што потоа се идентификувани. Постепената ерозија и атрибутите не се запрени, заканувачките проекти и планови, сè уште се развиваат како и понатамошни нови закани кои го привлекоа на вниманието на мисијата. Затоа е очигледно дека имотот е многу ранлив, заради значителни проблеми во управувањето како и слаба имплементација на законската рамка. Овие работи доведоа до несоодветни интервенции, негативни ефекти врз планирањето на градот, големи проекти предлози, кои сите резултираа со влошување на неговите урбани, рурални и природни пејзажи и клучните атрибути, со што имотот ги исполнува условите за запишување на списокот на светското наследство во опасност“, се вели во извештајот на УНЕСКО, кој е испратен до македонските власти.

Напредокот во исполнувањето на критериумите, зададени како домашна задача, требаше да се разгледуваат на состанокот на Комитетот за светско наследство на УНЕСКО, кој требаше да се одржи во јуни во Кина, но поради пандемијата, тоа беше одложено. Во обемниот нацрт извештај на вкупно 123 страни се нотирани и голем број други аномалии, кои се присутни во регионот, кој е еден од ретките во светот кој е прогласен и за природно и за културно наследство под заштита на УНЕСКО. Во прв план повторно се посочува несоодветната и прекумерна урбанизација на регионот, бавното справување со проблемот со дивоградбите, не само покрај Охридското езеро туку и во стариот дел на Охрид, кој е препознатлив по својата архитектура.

„Ова мисија може само да ги потврди наодите на мониторинг мисија од 2017 година, во однос на широко распространетата урбанизација на крајбрежјето на езерото, неквалитетна конструкција, честопати масивна и надвор од обемот. За жал, одредбите од Урбанистичките планови во двете земји -Северна Македонија и Албанија ја потврдуваат тенденцијата за проширување на урбанизацијата, во области кои не се изградени и сè уште не се развиени. По должината на езерото, во последните 20 години се случија неколку случувања, главно поврзани со туристички инфраструктури. Повеќето од нив се лошо испланирани, развиени и извршени што доведува до фрагментација и деградација на еколошкиот континуитет помеѓу езерото и неговата околината, и културните и природните предели на областа. Дополнително, овие случувања ги зголемуваат притисоците врз веќе неефикасните, а на некои места и непостоечките, системи за управување со цврст отпад и отпадни води и придонесуваат за понатамошно загадување на водата“, се додава во извештајот на УНЕСКО.

Алармантна е ниската свест кај локалното население, за неговиот однос кон природните и културни вредност, одлагањето на отпад на диви депонии, кои во регионот ги има во голем број, но и за поставување на соларни колектори на куќите во стариот дел на Охрид, стои во извештајот на УНЕСКО.

Извештајот критикува и за ниската свест кај локалното население, за неговиот однос кон природните и културни вредност, одлагањето на отпад на диви депонии, кои во регионот ги има во голем број, но и за поставување на соларни колектори на куќите во стариот дел на Охрид, поставувањето тенди и друга урбана опрема во близина на споменици на културата, конкретно црквата Света Софија, со што се вели се нарушувал автентичниот изглед заради кој Охрид го има добиено овој статус.

УНЕСКО, во извештајот нуди и серија препораки и задолженија, кои надлежните институции на локално и централно и државно ниво ќе мора да ги спроведат и тоа како што стои неодложно и веднаш, а одредени инфраструктурни планови ќе мора да бидат комплетно отфрлени, како што е оној за изградба на марина во каналот Студенчишта, кој е природно поврзан со Охридското езеро.

УНЕСКО бара, под итно продолжување на акцијата за отстранување на бесправните градби, кои според извештајот на Општина Охрид, ги има 409, во заштитениот појас на Охридското езеро и Националниот парк Галичица, но и во сите општини во регионот околу езерото. Се бара изготвување и на посебен регистар на диви градби. Потоа воведување на мораториум за градба, се до донесување на соодветни урбанистички планови. Оваа светска организација бара и нови алтернативни решенија, за некои инфраструктурни планови, како што е железничката пруга до Албанија, гасоводот Битола – Елбасан, за авто-делница Требеништа – Струга, но и контрола на степенот на искористување на водата од Охридското езеро, кое многу често и според критиките и на еколошките активисти се користи за производство на електрична енергија.

Од општина Охрид велат дека во изминатите 18 месеци континуирано биле посветени на заложбите за имплементирање на сите препораки на УНЕСКО и оти успеале да направат многу значајни чекори за зачувување на статусот на светско природно и културно наследство, кој го поседува Охридскиот регион.

„Беа стопирани штетните проекти за изградба на Ски Центар на планината Галичица и изградба на експресен пат Охрид – Св.Наум. Започна реконструкцијата на Колекторскиот систем на Охридското Езеро“, велат од општината.

„Како локална власт, во постојана координација со останатите надлежни институции и со поддршка на Владата на Република Северна Македонија покажавме вистинска грижа за нашето непроценливо национално богатство. И покрај тоа што се работи за еден сложен процес, кој бара огромен ангажман, време и средства, преку заедничко делување и соработка започнавме да спроведуваме сериозни активности со кои ставаме крај на децениската деградација на овој регион и овозможуваме услови за поголема заштита. За прв пат е донесен сеопфатен План за управување со светското природно и културно наследство на Охридскиот регион кој ги има опфатено сите аспекти во делот на управувањето со езерското крајбрежје, урбаните и руралните средини. Беа стопирани штетните проекти за изградба на Ски Центар на планината Галичица и изградба на експресен пат Охрид – Св.Наум. Започна реконструкцијата на Колекторскиот систем на Охридското Езеро и формирано е ново Јавно претпријатие кое е задолжено за контрола на системот на отпадни води. Исто така, за прв пат е воспоставена платформа за соработка со Република Албанија за заштита на сливот на езерото во двете соседни држави“, се вели во ставот на општина Охрид.

Додаваат дека за прв пат, по 17 години биле спроведени активности за отстранување на бесправни градби во делот на крајбрежниот потег и на неколку други локации.

„Активностите за отстранување на дивоизградените објекти ќе продолжат и во текот на наредниот период. Сите градби кои претставуваат опасност за регионот и се во спротивност на режимите на заштита ќе бидат отстранети. Најновиот нацрт-извештај на УНЕСКО кој е резултат на мониторинг мисија од месец февруари 2020 година и е сублимат на забелешките од сите претходни мониторинг мисии кои биле реализирани во овој регион, веќе е пристигнат до сите надлежни институции на централно и на локално ниво“, додаваат од општина Охрид.

Од општина Охрид велат дека во предвидениот рок ќе испратат коментари на оваа првична верзија на извештајот, а официјален став околу нотираните препораки и заклучоци, ќе биде соопштен во јавноста откако ќе пристигне конечната и финална верзија на извештајот.

Според еколошките активисти, колку е лошо ставањето на оваа листа, толку велат ќе биде и добро. Со тоа сметаат дека ќе се отворат механизми за финансиска помош и за запирање на натамошна деградација на регионот. Охридскиот регион како природно наследство под заштита на УНЕСКО, беше прогласен во 1979 година, а една година подоцна во 1980 година, и за културно наследство.

Извор: Глас на Америка