Игор Насковски: Како да станеш трагач на тартуфи и да заработуваш 5.700€ за 1кг! ↓↓↓
Редица од уметници и културни работници, застанати пред Министерството за култура, упорно и си часови чекаат за аплицирање со проекти во трка со рокот за аплицирање за Годишната програма на култура.
Со обрасците во рака се чекаше и по четириесетина минути. Апликациите се примаа само до 12 напладне што кај луѓето создаде дополнителна нетрпеливост. Велат, џабе е пандемијата кога мора да се предадат документите на рака бидејќи нема друг избор.
„Дозволија апликација со пошта но, како што знаете, поштата ни пропадна. Затоа и се случија овие редици но верувам дека можеби и ќе го продолжат рокот додека ги доставиме сите обрасци.“
„Имаше алтернатива да ги скенираме овие апликации, ќе ни беше малку полесно онлајн да ги пратевме, но мислам дека така решило министерството, дека е подобро да се дојде бидејќи некогаш се јавуваат проблеми со документите па треба да се проверат.“
Имаше и такви на кои чекањето им е најмал проблем. Побараа да се поедностави документацијата бидејќи сегашните пријави за пополнување се обемни и конфузни.
„Поради ситуацијата изложбите се уште тераат од прошлата година и заглавени со тие финансиски извештаи не можеме глава да кренеме а не па да се фокусираме на овие нови пријави и обрасци. Затоа мислам дека сите дојдоа на последниот ден. И минатата година така беше. Тоа е мое видување. Кога ќе го погледнеш образецот – сафра те фаќа.“
Од министерството за Канал 5 велат дека застарениот начин на пријавување ќе биде минато откако Предлог-законот за јавен интерес во културата кој предвидува онлајн аплицирање ќе ги помине собраниските филтри.
„Изразуваме искрено жалење што, и покрај напорите, не стигнавме пријавувањето на конкурсите уште од оваа година да биде и по електронски пат. Министерството за култура со години не ги поседува алатките кои ќе ја поддржат и издржат електронската апликација, која ќе ни ја олеснеше работата на сите.“
Изминативе неколку години резултатите од конкурсите за промоција на националниот интерес беа жестоко критикувани и тоа, пред се, поради критериумите по кои се делеа државните пари.