Уметнички гениј, ненадминат автор на автопортрети – 350 години од смртта на Рембрант


Александар Вучковски - сомелиер: Како македонските вина го освојуваат светот? ↓↓↓


На 4 октомври, вчера, светот одбележуваше 350 години од починувањето на еден од најголемите уметници на сите времиња на планетарно ниво, според многу нешта ненадминатиот Рембрант ван Ријн.

Сликарскиот мастодон беше обожавател на уметничките „селфи“ дела и кој буквално до својата смрт беше со четката во раце и сликаше до последен час. Почина на вчерашен ден, пред 350 години, во Холандија, а зад себе го остави неговото најпознато дело и една од најкомплексните и најимпресивни уметнички слики – култната „Ноќна стража”, кое е изложено во Ријкс-музејот во Амстердам.

Рембрант е повеќе од само уметник

Рембрант Харменесзон ван Ријн, кој со мака во 1609 година го видел светлото на денот како син на мелничар, неуморно создавал дела кои се толку експериментални и технички иновативни, што до ден денешен делуваат модерно. Рембрант со своите дела раскажувал и приказни. Пред сѐ на библиски мотивираните дела како Исак и Ребека (околу 1665 до 1669) и портретот на апостолот Павле (1661) преку цртање на гестови и емоции тој прави светците да делуваат многу почовечки. Ребрант користи и светлосни и ефекти со бои што станува негово мајсторство.

„Рембрант поседувал многу копии од познати дела на Рафаел, Тицијан, Микеланџело, Карачи. Особено уметниците од 16 век од Италија многу го одушевувале и кога создавал дело тој на ум ја имал целата историја на уметноста и се обидувал да биде уште подобар од тоа”, вели Грегор Вебер, експерт за Рембрант во музејот Ријкс, кој пред три години од помалку познати дела направи впечатлива изложба во Амстердам.

Рембрант црта исклучително многу автопортрети

Рембрант си бил самиот на себе омилен модел. Се цртал себеси до својата смрт. Почесто од кој било уметник пред него. Постојано. „Не знам зошто го правел тоа. Можам само да претпоставам дека бил толку зафатен самиот со себе, што го користел наједноставниот модел за да испробува сѐ што ќе му падне на памет”, вели Грегор Вебер.

80 автопортрети, масло на платно, како и графики се настанати во период околу 40 години. Мотивот на автопортрет уште во раните фази се појавува како негова тема. Рембрант користел огледало. Се гледал себеси како туѓинец, неуморно студирал како светлото го моделира лицето. Се цртал и влегувал во разни улоги – како владетел или во улога на апостолот Павле како со отворено Евангелие пред себе гледа настрана од сликата. Каков релјеф покажува тој лик, полн со бразди на челото! Веѓата завршува во црна точка која е само основата на платното, носот дебел како компир добива длабочина преку светла точка на врвот. Колку е постар толку побезобѕирно ги лови своите старечки дамки, отечената кожа, побелената коса. Други дела делуваат како недовршени, бидејќи користи техника на навестување заради што се стекнува со имиџот на уметник кој не ги довршува своите слики. Тој дури користи нож за да лупи боја од платното.

Брендирање – создавањето марка

„Делава наоѓаат купувачи, бидејќи се портрети на Рембрант”, вели Вебер. Двојна среќа, додава тој, бидејќи „купувачот не само што купил оригинален Рембрант, туку воедно и автопортрет на познатиот мајстор”.

Создавањето на таквите дела во неговата работилница делува како предвесник на фабриката на поп уметникот Енди Ворхол. Автопортретите го покажуваат она што во маркетингот е клучниот дел на добра марка: едноставност и препознатливост. Тие се и доказ за талентот на Рембрант за претприемништво. „Тој си направил заштитен знак како што денес тоа го прават компаниите. Тој се перцепира себеси како во текот на животот се менува и влегува во нови улоги и тоа без разубавување. Убаво е да се види како се костумира како владетел или апостол.”

На неговиот последен автопортрет Рембрант изгледа постар од 63 години. И како пропаднат старец со брада уште ја бара суштината на реалноста. Делата на Рембрант потсетуваат на истекувањето на времето и истовремено допуштаат да се заборави минливоста.

„Ноќна стража“ како пресврт

Рембрант претрпел многу во својот живот. Годината во која ја нацртал својата најпозната слика „Ноќна стража“ важи за негова пресвртница – во 1642 година умира неговата љубена сопруга Саскиа, а претходно им починале и три деца. Му останал само синот Титус. Рембрант се грижел за него и го поставил за наследник. Но и Титус починал три години пред својот татко. Домаќинката го тужи за прекршени брачни завети. На крајот тоа се оддолжува во 25-годишен судски процес. Финансискиот банкрот е неизбежен. Тој е приморан да се откаже од својота приватна уметничка колекција и својата енциклопедиска збирка од глобуси, парички, музички инструменти, камчиња и оружје.

„Кога ќе се погледнат неговите дела, се препознава дека тој целосно се исцрпил со ‘Ноќна стража’. Тоа е огромно дело во кое ставил сѐ што можел да направи. Потоа очигледно западнал во криза и со години потоа не слика портрети. Тој е трагач”, вели Вебер.

Иконски авто-портрет

Во 1500. германскиот ренесансен уметник Албрехт Дирер се насликал на начин кој потсетува на претставувањата на Исус Христос. Неговите строги очи гледаат директно во оној кој ја гледа сликата. Без никакви украси, уметникот се портретирал како скромен творец. Таквиот авто-портрет дотогаш бил незабележан.

Рембрант пред брнаут? „Повторно се пронаоѓа себеси“, гласи одговорот на Вебер. Рембрант се оддалечува од строгите конвенценционални правила за сликање портрети и историското сликарство на Златното доба. Во 1651 година, кога има 46 години, ослободен и со нов елан му се враќа на платното.

Нови техники

Лицата портретирани во неговата подоцнежна фаза се помалку идеализирани. Нивниот поглед најчесто е свртен навнатре, како во случајот со старицата што чита и задлабочено гледа во книгата. Рембрант ја прикажува одблиску – нејзиното бело лице е осветлено од светлина што зрачи од книгата. Усните, носот, јаболчниците се толку живописни, што се чини човек може да ги допре. Од друга страна, позадината прикажува само темна атмосфера. „Тој го менува својот стил и повеќе експериментира. Фазата на ‘бура и нагон’ (уметнички правец) од минатото, каде што повеќе става акцент на акцијата во сликата, е минато. Тој сега се фокусира на интровертноста и размислите“, објаснува Вебер.

Падот на четката е понекогаш груб, понекогаш фин. Овој слободен начин на уметност зборува за довербата во посматрачот – апел до фантазијата и замислување на недовршеното. Кога во 1656 година го нацрта „Анатомското предавање на доктор Дејман“, тој се впушта во една таква необична композиција, која е толку реална, што дури боли. Набљудувачот го гледа доктор Дејман додека сецира и го отвора трупот на починатиот. „Мора да било така како што е во реалноста – бесрамно и вистинско. Рембрант не разубавува ништо, за ниту еден клиент.”

Извор: Дојче Веле