Александар Вучковски - сомелиер: Како македонските вина го освојуваат светот? ↓↓↓
Украина прогласи вонредна состојба на целата територија во наредните 30 дена, со исклучок на отцепените Доњецк и Луганск, чија независност пред два дена ја призна Путин.
Во исто време, повика околу три милиони Украинци, колку што се проценува дека живеат во Русија, веднаш да ја напуштат земјата. Наредена е регрутација на сите резервисти од 18 до 60 години, а Врховната Рада одобри Украинците да можат да користат оружје во самоодбрана.
-Во моментов нема потреба од општа мобилизација. Она што е неопходно е да ја екипираме украинската армија и другите воени формации. , изјави Володомир Зеленски, претседател на Украина.
Најнеизвесно е на истокот на Украина, во областите кои во моментов се под контрола на украинската армија, а кои во рамките на самопрогласените републики. 83-годишната Степанивна е меѓу ретките жители кои останаа во селата на линијата на фронтот во исчекување руските мировни трупи, кои ги најави Путин.
-Каде би можела да живеам? Тука сум роденa, овде сум крстена, моите деца се од тука. Каде да одам? , вели жителка на село во Доњецк
-Мислам дека вооружените сили на Руската Федерација ќе продолжат да го зголемуваат својот број во Доњецк и Луганск. Мислам дека ќе ја нападнат Украина и ќе се обидат ги окупираат областите на сите административни граници. , вели Павло Јурчук, мајор во украинската армија
Дипломатијата останува во ќорсокак. Вашингтон објави пакет санкции за Русија, а Белата куќа соопшти дека нема ништо од самитот Бајден – Путин најавен за викендов. И првиот американски дипломат Блинкен не гледа смисла утре да се сретне со рускиот колега Лавров. Путин, пак, се уште верува во дипломатија.
-Нашата земја е секогаш отворена за директен и искрен дијалог со цел да се најдат дипломатски решенија за најсложените проблеми. Сепак, руските интереси и безбедноста на нашите граѓани се безусловни. , вели Владимир Путин, претседател на Русија.
-Кој во името на Бога, му дава право на Путин да ги прогласи овие нови таканаречени земји на територии што им припаѓаат на неговите соседи. Тоа е флагрантно кршење на меѓународното право. , изјави Џо Бајден, претседател на САД.
Прогласување вонредна состојба во Украина во прв ред ќе значи дека ќе може да воведува полициски час или да им нареди на граѓаните да останат дома. Американската компанија за вселенска технологија Максар објави сателитски снимки на кои, како што тврди, се гледа ново распоредување на повеќе од 100 воени возила и десетици воени кампови на југот на Белорусија, во близина на украинската граница.