Угреновиќ се изјасни како виновен за убиството на Матилоски во Охрид на Нова Година


Александар Вучковски - сомелиер: Како македонските вина го освојуваат светот? ↓↓↓


Во Основниот суд во Охрид, во четвртокот, започна и заврши судскиот процес за убиството што се случи на Нова година во центарот на Охрид, кога по претходна расправија во угостителски објект, надвор од него, до смрт беше претепан 27-годишниот Димитар Матилоски.

За убиството обвинет е српскиот државјанин Бојан Угреновиќ од Краљево, Р. Србија, кој на почетокот од главната расправа на прашање на судечкиот судија Весна Кичеец, изјави дека се чувствува виновен за кривичното дело за кое се товари и изрази жалење и каење за стореното дело. 29-годишниот жител на Краљево ги прифати сите наводи во обвинението кое го товари дека критичната вечер физички го нападнал Димитар Матилоски во кафе барот Табана, а потоа надвор му задал удари, од кои еден во пределот на лицето бил фатален за младиот охриѓанец.

Членовите на семејството на убиениот скршени од болка гласно негодуваа на зборовите на обвинетиот дофрлајќи му дека е убиец, за што беа опоменати од судијката Весна Кичееец. пренесува Ohridnews.

Семејството изрази незадоволство од текот на судскиот процес, бидејќи судот не го зел предвид нивното барање на обвинетиот да му се суди за свирепо убиство.

Обвинетиот ја призна вината, сега судот ќе му одреди минимална казна, крајно сме револтирани. Очекувавме дека судот ќе ги признае нашите докази и ќе влезат во доказната постапка и на обвинетиот ќе му се суди за свирепо убиство, а тој сега ќе се суди за обично убиство, бидејќи ја призна вината и денеска по една година изрази каење и жал за тоа што го сторил, изјави по завршувањето на судското рочиште Цветанка Матилоска Пешиќ, сестра на Димитар Матилоски.

Во завршните зборови обвинителството остана на изнесените наводи во поднесеното обвинение и побара судот да му изрече соодветна затворска казна на обвинетиот без оглед на признанието на вината.

Тоа, пак, според правниот застапник на оштетните, на семејството на убиениот му ја скратило можноста да бара преквалификација на делото.

Истакнато е оштетно побарување во висина од 10 милиони денари за претрпената загуба и душевна болка.

Судот по разгледување на прифатените докази треба да одреди датум на соопштување на пресудата. Согласно законот на обвинетиот моѓе да му биде изречена затворска казна од минимум пет до максимум 20 години.