Угостителските работници од Македонија масовно на работа во Хрватска и Грција – секторот кај нас кубури со персонал


Александар Вучковски - сомелиер: Како македонските вина го освојуваат светот? ↓↓↓


Со почетокот на овогодинешната летна сезона „хит” дестинација за сезонска работа на угостителските работници е токму Хрватска, пишува Порталб. Платите достигнуваат и до 1.500 евра. Додека хрватските хотели и ресторани се полнат со македонски кавлификуван кадар, домашните угостители се соочуваат со дефицит.

Грција и Хрватска се најатрактивните дестинации за сезонска работа во оваа летна сезона. Голем дел од вработените во кафеаните, кафичите, рестораните заминуваат надвор од земјава. Особено високи плати со дополнително обезбедено сместување, работни визи, бонуси, нуди Хрватска.

„Заминувам за плата од 1.300 евра, ќе работам повеќе од 8 часа, но морам да заминам барем три, четири месеци. Трошоци за сместување, за храна немам”, вели вработена во една скопска кафеана.

Летниот „шпиц” официјално почнува на 1 јуни, но дел од „сезонските работници” веќе заминаа и во мај. На хрватското крајбрежје и на островите се бараат шанкери, келнери, готвачи, хигиеничарки, пица мајстори. Висината на платите зависи од работната позиција, работните часови, искуството, но платите генерално не се пониски од 900 евра месечно. Огласите се преполни со понуди: „Работа за главен кувар, помошник кувар, пица мајстор во ресторан покрај море. Платата на главниот кувар изнесува 1.485 евра, на пица мајсторот 1.215 евра”.

За главен кувар месечната плата во некои од хрватските ресторани достигнува скоро 1.800 евра, а на келнер може да надмине и 1.200 евра.

„Работно време 9 часа. Сместување на островот, обезбедена храна, работна дозвола, платен трансфер до крајната дестинација. Асистетнт во кујна – плата од 1.080 евра, келнер во ресторан 1.000 евра” – пишува во друг оглас.

Освен келнери, шанкери, готвачи, дел од хотелските комплекси во Хрватска бараат и друг кадар – козметичари. Главно работното време за овие сезонски вработувања се движи од 8 до 10 часа. Во дел од огласите се бара познавање на англиски јазик и искуство. Интересот за заминување, особено во Хрватска е многу голем.

Сезоната завршува во октомври, што би значело дека со месечна плата од најмалку 1.000 евра и со платени трошоци од страна на работодавачите, за четири месеци се заработуваат 4,000 евра, без вклучен „бакшиш” кој во атрактивните туристички места и преплавените ресторани со гости може значајно да ја „ѝнабилда” оваа сума.

„За време на пандемијата, ковид мерките, карантините се трудевме да ги задржиме вработените. Се користеа сите можни мерки од државата за да се спаси секое работно место, плаќавме давачки и кога не работевме или работевме со загуби. Сега се соочуваме со нов проблем, речиси е невоможно да се најде обучен кадар за вработување во угостителството. Во некои угостителски објекти платите надминуваат и 40.000 денари, но и со овие плати тешко е да се задржат вработените да не заминат во странство, особено помладите”, вели сопственик на еден ресторан.

Друг пак, сопственик на кафетерија вели дека со месеци се обидува да најде келнери, тие што ќе се пријават за работа главно се млади луѓе, најчесто без искуство, а кога ќе го стекнат, ја напуштаат работата.

Угостителството заедно со хотелиерството беа во групата најпогодени сектори од ковид-пандемијата, голем дел работеа со загуби, плаќаат сметки, давачки, плати иако работеа под рестрикции. Сега се соочуваат со масовен одлив на квалификуван кадар.

Според податоците од Агенцијата за вработување, овие дејности високо котираат според бројот на слободни работни места – на четврта позиција со слободни скоро 1,000 работни места.

Слободни работни места

Преработувачка индустрија 2.657

Трговија 1.205

Административни и помошни дејности 1.167

Објекти за сместување и сервисни дејности со храна 995

Дефицит има и на келнери и на шанкери, или во земјава има повеќе од 360 слободни работни места за келнери и повеќе од 200 за шанкери. Изминатите години проблемот со сезонско заминување во странство зема замав.