УДБА го водела под кодно име „Расипник“ – еве што има во досието од владиката Петар


Вака се слави гол во 120-та минута!!! ↓↓↓


Делови од досието на македонските тајни служби со кое бил следен пелагониско-преспанскиот владика Петар викендов објавија дел од македонските портали.

На нив може да се прочита дека владиката бил заведен под оперативна обработка на службите под псведонимот Расипник. Владиката Петар бил следен 12 години: во периодот од 1972 до 1989 година. Под оперативен третман на службите бил до 1990 година, пренесува порталот Точка.

Во објавените документи може да се види дека тој тајно се среќавал со претставници на Српската православна црква и на Грчката православна црква и им давал информации за состојбите во МПЦ и од Македонија.

Владиката Петар, во документите, се поврзува со зголемената кражба на икони и вредни црковни предмети, со што како што пишува во досието врши притисок врз свештенците кои ја покренале иницијативата за разобличување на неговата активност. Во дел од досието пишува дека владиката имал и телефонски врски со екстремисти од емиграцијата.

Владиката Петар за Макфакс, потврди дека го има целото досие со кое бил следен. Вели дека станува збор за досие од околу 500 страници, но дека немало никакви докази за ништо од наведеното во досието. Причината зошто сега на порталите се споделуваат документите, тврди дека е видео-снимката во која тој пее патриотски песни на одбележувањето 115 години од смртта на револуционерот Методија Патчев во прилепското село Кадино.

Тоа сега се објавува тенденциозно, бидејќи сега имаше прослава во Кадино и таму си имаше пригодни песни што пееја, таму имаше помен, па се пееја и пригодни песни, изјави за Макфакс владиката Петар.

Чинот на владиката наиде на незадоволство на социјалните медиуми, кои вирално го споделуваа видеото каде што пее владиката.

Членот на Комисијата за лустрација Чедомир Дамјановски за Макфакс вели дека имало точка на дневен ред да се расправа за лустрација на владиците и верските лидери, но дека таа точка никогаш не дошла на дневен ред.

Комисијата за верификација на фактите од први септември 2015 година година нема мандат за покренување на нови постапки согласно Законот за определување услов за ограничување за вршење на јавна функција, пристап на документи и објавување на соработката со органите на државната безбедност.