Убиството на адвокатот Огњановиќ во Белград – класична мафијашка ликвидација


Кој ќе тепа на Ел Класико!? ↓↓↓


Во серијата неразјаснети мафијашки ликвидации кои подолго време го тресат Белград спаѓа и убиството на адвокатот Драгослав Огњановиќ. Со ова класично мафијашко убиство се побива владинито тврдење дека граѓаните се безбедни и се докажува дека српската мафија е недопирлива за надлежните органи.

Ликвидацијата има професионален потпис. Драгослав Миша Огњановиќ е убиен во класична заседа, и притоа ранет во раката е и неговиот син, кој не е во животна опасност. Убиството на овој адвокат е 19 од почетокот на годинава во Србија, кое потсетува на типични мафијашки ликвидации.

Но, доколку судирот на Кавачкиот и Шкаљарскиот мафијашки клан – двата од Котор – или пресметките на т. н. „навивачки групи“ се набљудуваат од регионален агол – бидејќи ликвидациите се одвиваат на просторот на Србија и Црна Гора – тогаш ова е 22 убиство од овој тип годинава.

Огњановиќ во својата кариера имаше цела низа случаи од висок профил: го застапуваше криминалецот Лука Бојовиќ, поранешниот претседател Слободан Милошевиќ пред Хашкиот трибунал, обвинетите во постапката за убиство на францускиот навивач Брис Татон и навивачот на Црвена Ѕвезда Велибор Дуњиќ.

Српската полиција по убиството започна акција под името „Виор“, но без видливи резултати. Адвокатските комори на Белград и Србија денеска (30 јули) ја запреа работата на една недела во знак на протест.

„Убиството покажува дека мафијата мисли дека смее и може да стори буквално сè“, вели адвокатот и поранешен коминистер на полиција Божо Прелевиќ. „Кој сега ќе смее да се занимава со одбрана на кој било кога се во прашање сериозни мафијашки групи и убиства кои се поврзани со тоа?“, прашува Прелевиќ.

„Тоа значи дека ако ги застапувате оштетените, кои се жртви на мафијашки кланови, тогаш се појавуваат ликови кои ќе ве убедат или да не ја работите својата работа или да го напуштите случајот. Доколку тоа го надополнител со навивачките групи, кои минуваат многу лесно, или се измислуваат податоци кои ги ослободуваат од вина, јасно ви е дека присуствуваме на целосно нарушување на правниот систем“, вели Прелевиќ за ДВ.

Тој го опишува случајот како порака исто и како „кога ќе убиете новинар, тоа е порака за другите новинари да престанат да пишуваат за работи кои можат скапо да чинат. А мислам дека на овој начин им упатија сериозна порака на државните институции, судовите и адвокатурата“.

Убиството е уште едно во низата неразјаснети злосторства кои во последно време се случуваат на улиците на Белград и други српски градови, вели Саша Ѓорѓевиќ од Белградскиот центар за безбедносна политика. „Сето тоа покажува дека обвинителството и полицијата немаат адекватен одговор на мафијашките пресметки. Тоа е многу загрижувачки за сите, а особено загрижува одговорот на обвинителството кое ги води истрагите“, вели Ѓорѓевиќ за ДВ.

Извор: Дојче Веле